„Курир“: Странски притисок врз судиите, амбасадори се шетаат по нашите судови

Директното или индиректното влијание, како и се почестите притисоци што странските амбасадори ги прават во работата на нашите правосудни органи е одомаќинета практика во Република Македонија, и за жал, многу малку актуелизирана во смисла на упатување критики за ваквиот однос од нашите интелектуалци и професори по право, пишува „Курир“.

Порталот пишува оти е ваков ставот на експертската јавноста во однос на се подиректното и потворено мешање на некои странски амбасадори во македонскиот правосуден систем. Ваквиот став доаѓа по вчерашната средба на претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, Лидија Неделкова со амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Л. Бејли.

„Курир“ потсетува и на обраќањето на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, од 14-ти април годинава, кога рече дека некои амбасадори ги пречекориле своите овластувања кои постојат во Виенската конвенција за дипломатија.

Не сакаме да влегуваме во конфликт со земјите од каде што доаѓаат,  но јас и во традиционалното годишно обраќање пред дипломатскиот кор им кажав, да внимаваат тоа што го работат да не биде погрешно сфатено. Амбасадорите доаѓаат и си одат. Нашите проблеми остануваат, и  остануваат навиките и преседаните да можат и други да ги користат. Тоа можеби го правеле во време кога не сме имале своја држава, свои партии, свои институции и свој Устав. Но, тоа денес е недозволиво, порача македонскиот претседател.

Кажав, додаде, во моето обраќање, амбасадорите ни се шетаат по судови, им се диктира по телефон што да се работи. Тоа нели е притисок, или притисокот важи само за домашната јавност?

Како да се навикнавме секојдневно да гледаме како странски амбасадори се шетаат по нашите судови, и како постојано се ставени во конкретни мисии на директна контрола врз работата на судовите, а посебно на судиите назначени да ги водат предметите иницирани од СЈО. Сигурна сум дека и ним им се добро познати меѓународните и европските стандарди за независност и непристрасност на судството, но и на другите органи во правосудниот систем на земјата, но се добива впечаток дека токму странските амбасадори најмалку водат сметка за почитување на овие стандарди иако се обврзани да ги почитуваат, вели универзитетската професорка Тања Каракамишева- Јовановска.

Таа додава дека друго е прашањето што тие согласно документите на дипломатското работење, немаат никакви овластувања и права директно да се мешаат во работата на нашите правосудни органи. Во многу земји, тоа би било санкционирано како груба повреда на нивните амабасадорски овластувања.

Повеќе од познато е дека судството и јавното обвинителство во земјата, согласно македонскиот Устав и законите, се независни и самостојни во својата работа и дека се забранува секаков облик или форма на влијание или притисок врз нивната работа од страна на кое било физичко лице (амбасадор, политичар, интелектуалец, граѓанин и сл.), од страна на која било партија (владина, опозициска), невладина организација, странска држава итн. Притисоците, заканите, разните форми на заплашување на судиите и на јавните обвинители се најстрого забранети активности и во сите меѓународни и европски документи посветени на уредување на прашањето за независноста и самостојноста на овие државни органи, вели Каракамишева- Јовановска.

Впрочем, додава универзитетската професорка, и на странските амбасадори им е сосема јасно дека во секоја модерна уставна држава, каква што е Република Македонија, независноста и самостојноста на судството е суштината, основата за функционирањето на правната држава. Заедно со владеењето на правото, овие два принципа се основата на правната држава. Независноста на судството, како и независноста на судиите значи да им се дозволи и остави простор на судиите да ја вршат својата работа на професионален, одговорен и законски начин без да трпат влијание од кого било, и без да им се вршат притисоци да одлучуваат на еден или на друг начин.

Судството и јавното обвинителство мора да постапуваат исклучиво и само според законите и според ништо друго. Секое мешање од надвор, секоја сугестија, даден совет, или одредено напатствие како судијата треба или не треба да суди во одреден случај претставува груба повреда на правната држава, на владеењето на правото, на домашниот Устав, но и на меѓународното право. Сите форми на директни или индиректни притисоци врз судот, или врз судиите се и груба повреда на меѓународните и на европските стандарди за независност и за самостојност на судството и на судиите што на странските амбасадори мора да им е познато. Независноста на судството е многу важен принцип преку кој треба да се спречат сите можни форми на злоупотреба на моќта или на власта од кого било кој има конкретна моќ или власт. Судиите не смеат да делуваат и да работат на арбитререн начин, или по нечија волја. Нивната обврска е да го применуваат правото и законите. Меѓународното право за судството го смета принципот на независност на судството како најважен принцип од сите останати. Токму заради неговата значајност се вели дека независноста на судството мора да биде гарантирана од државата, да биде утврдена и заштитена со Уставот, и со законите на земјата. Обврска е на сите државни, но и на други институции и органи да го почитуваат принципот на независно судство. Во принципот 7, еден од основните принципи за независност на судството, прифатени од сите релеватни меѓународни организации, се вели дека секоја земја треба да обезбеди адекватни извори со кои ќе им се овозможи на судските органи да ги извршуваат своите функции на независен и ефикасен начин, вели Каракамишева- Јовановска.

Според неа, независноста на судството не се однесува само на одделеност и самостојност на судската власт од извршната и од законодавната власт во земјата, туку исто така, независноста на судството значи независност и од полицијата, образовните институции, странските амабасади итн. Независноста на судството значи и почитување на судскиот авторитет, како на судот, така и на судиите. Со повреда на овој принцип не се почитува ниту авторитетот на судот, ниту на судиите што оди на директна штета на владеењето на правото во земјата. Секоја држава има обврска да ја заштити судската власт од секакви форми на ерозија на судската независност.

Суштината на независноста на судството се однесува на следново: судството мора да ужива институционална независност, односно да биде независна од другите гранки на власта, како и од останатите авторитети и центри на моќ, судството мора да биде независно во уредувањето на внатрешните прашања поврзани со судската администрација, вклучително и во процесот на доделување на предмети на судиите во рамките на судот каде судијата работи, судството мора да биде финансиски независно, со доволно фондови на средства за непречена работа, судството мора да биде независно во процесот на донесување судски одлуки не само од владата, туку и од сите други центри на моќ, судството мора да има конкретна судска надлежност со судска автономија во утврдувањето на прашањата што влегуваат во нивна надлежност, додава универзитетската професорка.

Оттука,  смета таа, секоја повреда на независноста на судството од кого било претставува директен упад во правната држава и негирање на владеењето на правото како основа на секоја демократска држава.