Македонија

Кутревски: Пекабеско стана значаен играч на регионалните пазари

Кутревски: Пекабеско стана значаен играч на регионалните пазари

Извозот на Пекабеско бележи континуиран раст, а постојано отвораме и нови пазари. Полека, но сигурно ја менуваме состојбата од минатото, од земја увозник, стануваме сериозен извозник на сувомесни производи. Ваквите показатели се добри не само за Пекабеско, туку и за македонската економија во целина. Ова меѓу другото, го нагласува Извршниот директор на Пекабеско, Слободан Кутревски во интервју за МИА, коешто во продолжение можете да го проследите во целост.

Менаџирате компанија со повеќе од 40-годишна традиција. Кои беа предизвиците во 90-тите години кога Пекабеско беше една од првите приватизирани компании во Македонија, а кои се предизвиците денес?

Главните предизвици во 90те години за нашата компанија беа да се развиваме како трговско – дистрибутерска компанија бидејќи во тоа време бевме составен дел на ПКБ – Белград, а нашата дејност беше исклучиво да ги застапуваме и продаваме нивните производи на територијата на Македонија. Потоа следуваше распадот на Југославија и процесот на приватизација што ни отвори нови можности и визии, а нашата компанија започна да тргува и со многу други видови  производи.

Истовремено, во овој период пропаднаа многу фирми и голем број луѓе ги загубија своите работни места. Дел од тие луѓе барајќи го својот спас и егзистенција, излезот го гледаа во трговијата со храна од причина што тогаш лесно се формираа фирми без сопствен капитал, а трговијата со храна тогаш, како и сега, беше најобртната дејност. Тие, како што ги нарекувавме, човек фирми ни станаа сериозна конкуренција во оваа дејност. Овие броеа по еден човек и речиси никакви трошоци, за разлика од нас кои во тоа време броевме 70 вработени.

Гледајќи дека работата стагнира кон крајот на 90-те се одлучивме да се ориентираме и кон производство на сувомесни производи. Со поволна кредитна линија отворивме мал погон од 300 квадрати и опрема од околу 1 милион евра со месечно производство од 30 тона.

Одлуката да отпочнеме со производство токму на сувомесни производи се должеше на фактот што во тоа време речиси целокупниот асортиман на сувомесни производи во нашата земја беше увезуван од надвор и тоа од земјите на поранешна Југославија, некои соседни земји, па дури и од Унгарија и Шпанија.

Бидејќи инвестицијата се покажа исправна, во 2003 година инвестиравме во фабрика со далеку поголеми капацитети и опрема од овој мал погон. Фабриката ја изградивме со површина од 2.500 квадрати и годишно производство од околу 300 тона со што станавме стабилен и јак играч на домашниот пазар, а во 2007 година и играч за извоз. И за оваа фабрика беа искористени поволни кредитни линии од банките и исто како и во првиот случај за многу брзо време проектираните капацитети се достигнуваа и надминуваа. А со самото тоа и парите вложени многу побргу се враќаа споредено со времетраењето на кредитите.

Во 2012. го изградивте новиот производствено – логистички ценатар на Пекабеско во Кадино со инвестиција вредна 13 милиони евра со што се вбројавте меѓу поголемите домашни инвеститори. Во време на финансиска криза во регионот и светот вие отворивте 100-тина нови работни места. Како успеавте да се справите со кризата?

Токму така, во фабриката што претходно ја споменав останавме до 2012 година, но веќе во 2008 година таа ни стана претесна за развој во делот на производството на сувомесни производи, но и во делот на дистрибуцијата.

Во таа 2008 година започнавме со барање нова локација, а во екот на економската криза одлучивме да инвестираме 13,5 милиони евра во нов производствено – логистички центар со површина од 20.000 метри квадратни кој е лоциран во Кадино, општина Илинден. Градежните работи и опремувањето траеја 2 година – започнавме во септември 2010, а завршивме со изградба во ноември 2012 година.

Од денешна перспектива оваа инвестиција во услови на криза се покажа како најдобар начин за справување со кризата. Можам да кажам дека светската економска криза речиси и да не ја осетивме затоа што само во првата година по преселувањето во новиот производствено – логистички центар вкупното годишно производство  на сувомесни производи порасна од 3.000 на 5.000 тони, односно раст од околу 70 проценти во кој значајно место освен домашниот, заземаат и пазариот од регионот.

Покрај тоа, со инвестицијата ни се отворија можности и за продажба и дистрибуција на нови производи и линии како што се млечната програма, смрзнатиот зеленчук, смрзната риба, програмата на рибни конзерви и други кои поради малиот капацитет претходно беа лимитирани.

Но, да бидеме до крај искрени, без довербата и лојалноста која ни ја даваат потрошувачите и која е постојано растечка, а која се базира на одличниот квалитет, безбедност на храната и реалните цени ништо од ова досега немаше да оствариме. Тука сакам да ги додадам и врвните напори и ангажман на сите вработени, постојаното отворање нови пазари и дисциплината, како едни од најважните фактори за нашиот успех и за справување со економската криза.

Владата во услови на криза обезбеди евтини средства за домашните компании преку Европската Инвестициска Банка. Дали оваа кредитна линија беше поддршка на домашните компании во услови на криза?

Тука би сакал да истакнам дека во инвестирањето на новиот објект во Кадино, во голема мерка, како со обезбедување на земјиштето, така и со обезбедувањето на финансиски средства, помогна државата. Ние бевме едни од првите, ако не и прва компанија која преку НЛБ Тутунска банка и МБОР искористи средства од Европската инвестициона банка. Овие средства беа со поволни кредитни услови и во голема мера ни го олесни работењето. Преку оваа кредитна линија повлековме 5 милиони Евра, а останатите повеќе од 8,5 милиони евра ги обезбедивме од сопствени извори, комерцијални банки и добавувачи на опрема.

Какви производствени можности се отворија со пуштањето во употреба на новиот центар на Пекабеско?

pekabesko_logo

Кога го осмислувавме и проектиравме новиот призводствено – логистички центар предвидовме големи производствени линии. Досега искористивме само една – проширување на производството на сувомесни производи бидејќи тоа е најбараното.

Процесот на производство во Пекабеско во себе содржи и други производни линии кои ќе се пуштат во употреба во наредниот период како што е производствената линија за обработка и расекување на свежо свинско, јунешко и јагнешко месо за која имаме комплет магацински простор да лагерираме 100 тона свежо говедско месо и 60 тона свежо свинско месо во еден момент.

Покрај овие линии за месо има уште 2 линии кои не се монтирани, но градежно се комплетно оформени. Тоа се линијата за пакување на замрзнат зеленчук, линијата за пакување на смрзната морска риба и линијата за конфекционирање на свежо свинско и јунешко месо.

Кога сите овие капацитети во еден ден би проработеле, Пекабеско дневно би произведувал помеѓу 35 и 40 тони производи.

Новиот објект отвори нови можности. Дали го зголемивте производството во целина и дали ја зголемивте палетата на производи?

pekabesko_2

Претходно споменав дека само една година по започнувањето со работа на новиот производствено – логистички центар, во 2013 година, споредено со претходната 2012 година производството на сувомесни производи порасна за 70 проценти, додека извозот на Пекабеско сувомеснати производи порасна за 60 проценти.

Понатаму, во 2014 година споредено со 2013 година, забележавме раст на производството на сувомеснати производи од 40 проценти, а извозот на нашите сувомеснати производи порасна за 117 проценти.

Во 2014 година, Пекабеско оствари и девизен прилив во вредност од 6,9 милиони евра, што претставува пораст од 72 проценти во однос на 2013 година кога остваривме девизен прилив во износ од 4 милиони Евра.

Исто така, вредно е да се истакне дека првпат во историјата на своето постоење, Пекабеско оствари вкупен приход од 3 милијарди денари во 2014 година.

Што се однесува до производството на паштети кои почнавме првпат да ги произведуваме во новиот Центар, овие денови започнуваме со зголемување на нивниот производствен капацитет. Капацитетот од 600 тони годишно веќе се покажува како недоволен, па месецов ќе се монтира новата машина која ќе го дуплира капацитетот на годишно ниво. Исто така, набавивме уште една машина која претставува автоматска линија за полнење и затварање на говедски и месен нарезок, како и за паштета во тврда лименка од 100, 150, 200 и 400 грама. И оваа машина ќе има производствен капацитет од 1.200 тони на годишно ниво.

Пекабеско се наметнува и како една од водечките македонски компании во дистрибутивната дејност. Дали примарно соработувате со домашни или странски компании во овој дел?

pekabesko_3

Во делот на дистрибутивната дејност, пред неколку децении започнавме како ООЗТ Водно Скопје во рамките на ПКБ, за денес да прераснеме во еден од водечките дистрибутивни брендови од Македонија. Никогаш не се откажавме од нашата примарна дејност – дистрибуцијата и трговијата.

Така, нашиот бренд Пекабеско денеска продава и дистрибуира повеќе од 10 брендови и повеќе од 180 различни производи. Тука би ги набројал Дијамант од Зрењанин – најголемиот производител на Балканот за зејтин и маргарини, потоа Нишка млекара која произведува млеко, јогурт и павлака под брендот на Пекабеско – Пекабела, АБЦ крем сирењето кое го произведува позната фирма на Агрокор од Белје, Молкереј – фирма за производство на ајдамер, Коперлат Италија – Хопла, рибни конзерви под свои брендови кои се произведуваат во Мароко и Тајланд, замрзнат зеленчук кој се пакува во Белград под брендот на Пекабеско, ЕСВА и ВИЦИ од Естонија во делот на замрзната риба и морски плодови, како и цигарите од ТДР Ровињ, Карелија од Грција и телефонските картички на мобилниот оператор ОНЕ.

Како што можете да забележите огромен број реномирани меѓународни компании му ја даваат својата доверба на Пекабеско. Со македонските компании состојбата е различна од едноставна причина што секоја компанија си гради своја дистрибутивна мрежа низ државата.

Вашите производи се присутни на трпезите во повеќе земји во регионот. Каква е вашата дистрибутивна мрежа таму и колку сте присутни на пазарите во регионот?

Дефинитивно извозот претставува значајна ставка во нашето работење. Присутни сме во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Секаде имаме по еден дистрибутер осевен во Црна Гора каде имаме двајца дистрибутери. Поединечно не можеме најпрецизно да кажеме колку сме присутни во маркет шерот на тие земји, но гледајќи дека вкупниот извоз во 2014 година во сите овие земји е блиску 3.000 тони или речиси 7 милиони евра може да се заклучи дека стануваме значаен играч на овие пазари.

Уште една потврда дека е тоа така се покажува и со употреба на некои вонцарински бариери од страна на дел од овие држави како би се намалил нашиот влез во тие земји.

Во секој случај, извозот на Пекабеско бележи континуиран раст, а постојано отвораме и нови пазари. Полека, но сигурно ја менуваме состојбата од минатото, од земја увозник, стануваме сериозен извозник на сувомесни производи. Ваквите показатели се добри не само за Пекабеско, туку и за македонската економија во целина.

Со оглед на тоа што некои показатели навестуваат излегување од кризата, какви се вашите очекувања за периодот кој следи?

Работиме на целосно исполнување на производствениот капацитет на Пекабеско, со што доколку ги активираме сите производствени линии, би започнале со производство помеѓу 35 до 40 тони на дневна основа. Тука не е вклучен и трговскиот – дистрибутивен сегмент, кој игра огромна улога во тековносто работење на Пекабеско.

Работиме на секојдневна афирмација на сите наши производи помеѓу потрошувачите, вложуваме во развој на нови производи, постојано го унапредуваме квалитетот, присутни сме како општествено одговорна компанија секаде каде што можеме…

Очекуваме пораст на домашниот и меѓународните пазари бидејќи изминатиов период направивме одличен тим кој верувам дека ќе бележи успеси во сегментите на големопродажба и малопродажба.

Што ново да очекуваме во следниот период од Пекабеско?

Доколку се оди според плановите, очекувајте уште една инвестиција од Пекабеско, односно отворање на голема свињарска фарма со капацитет од 30 илјади свињи. Оваа инвестиција е важна бидејќи најголем дел од местото ние го увезуваме од странство, па оттаму доколку сами произведуваме сето тоа би било поисплатливо за сите, и за потрошувачите и за нас. Ова е нешто за што е веќе изготвена физибилити студија.

Понатаму, очекувајте зголемување на асортиманот на паштети, наресци, но и инвестиција во производство на храна за миленици и слично.