Кузмановска до СДСМ: Фатени сте живи во фалсификување на лични карти!

Веќе трет ден во Собранието на Република Македонија трае пленарната седница каде пратениците расправаат за изборот на членовите во новата Анкетна комисија која ќе треба да го расчисти скандалот со фалсификување на лични карти, пасоши и други документи.

На оваа седница своја реплика во врска со обвинувањата од страна на опозицијата имаше и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Кузмановска, каде таа рече дека, според проверките на државните институции, лицата за кои СДСМ обвинува, не постојат односно дека таа очајничка теза на СДСМ паѓа во вода.

Почитуван колега, првата Ваша теза беше дека наводно се креирани фалсификувани лични карти од наша страна и со тоа сме ги добиле изборите. Имено, ќе ги посочам наодите од досегашната истрага односно она што е најсуштински во овој дел е дека, овие фалсификувани 105 лични карти не се употребени во изборниот процес. Утврдено е дека е украден идентитетот на многу лица, но проверките во ДИК и во Заводот за статиските покажуваат дека овие лица не постојат во избирачкиот список. Таа теза ви паѓа во вода, посочи пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Кузмановска.

Кузмановска уште еднаш ги потсети пратениците од СДСМ дека Јавното обвинителство ја откри тајната работилница заедно со многу доказен материјал и лица членови на СДСМ и кратко додаде дека, СДСМ се фатени живи во криминални активности.

Јавното обвинителство ја откри тајната работилница. Овде најде обемен материјал, апаратура која се користела за изработка на фалсификувани лични карти, пасоши и други документи. Тоа јавноста треба да го знае. Вие сте фатени живи, потсети Кузмановска.

На крајот, Кузмановска рече дека на целата македонска јавност и е кристално јасно со каква и која цел СДСМ ја креирале оваа работилница за фалсификување на лични документи.

Бидејќи се наближува денот на избори, Вие сакавте да го искористите тоа. СДСМ преку Чаушот во чиј компјутер се најдени 70 илјади прислушувани разговори со фолдер на име СДСМ – Заев, украдени 120 илјади идентитети, фалсификувани пасоши, лажни банкарски сметки, со што пред избори сакавте да го урнете рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е подло, тоа е мизерно, тоа е очајно од една политичка гарнитура, заврши пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Кузмановска.