Кузмановска: Граѓаните од новата влада очекуваат остварување на ветеното\

Во две седмици откако е избран за министер за финансии, Драган Тевдовски издаде државни хартии од вредност од 13,7 милиони евра, или како што велеше неговиот сопартиец Наумов – ја задолжи државата за 13,7 милиони евра, истакна Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција која во продолжение ви ја пренесуваме интегрално.

„Ако до пред две недели издавањето на државни хартии од вредност беше прикажувано како најголемо зло за државата и за македонскиот народ, денес тоа за СДС и нивните медиуми е најнормална активност. Ако порано медиумите, кои беа најголеми критичари на аукциите, вадеа ударни наслови државата дека се задолжила за толку и толку, денес истите ревносно истакнуваат дека со средствата ќе се исплатат аукции кои доспеваат следниот ден – факт кој редовно беше занемаруван и прескокнуван во време кога министер за финансии беше од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Кузмановсла

Оцени дека станува збор за „вистинското лице“ на СДСМ, чијашто власт „едно зборува, друго прави“, односно едни политики промовира кога се во опозиција, а сосем поинакви кога се на власт.

„СДС во опозиција им се закануваше на инвеститорите, на банките, дека ако купат државни хартии нема да им ги признаат кога ќе дојдат на власт. Сега на истите тие банки, нивниот министер за финансии, односно од СДС, им нуди државни хартии од вредност“, појасни Кузмановска

Потсети дека СДСМ кога беше во опозиција „ја советуваше“ Владата на ВМРО-ДПМНЕ да ги укине аукциите на државни хартии од вредност и да престане да ги употребува како инструмент за финансирање на Буџетот и заклучи дека сегашното дејствување на социјалдемократите претставува „лицемерие на дело“.

„Граѓаните од новата Влада и од новиот Министер очекуваат остварување на ветеното, а не шарени лаги и манипулации. Граѓаните немаат ништо од тоа што Тевдовски е збунет и не знае што е бруто, а што е нето. Граѓаните очекуваат Тевдовски да ги покачи пензиите, да ја покачи просечната плата на 30.000 денари, а веднаш да обезбеди и средства за реализирање на ветената минимална плата од 16.000 денари. Докторите очекуваат плата од 100.000 денари, а СДС не смее да избега ниту од ветувањето за нови 500 километри автопат“, рече претставничката на ВМРО-ДПМНЕ.