Кузмановска: Треба да бидеме горди што проектот за топлификација на Битола започнува!

Сомнежи, сомнежи и само сомнежи за секој добар проект. Истото го слушавме за сите проекти кои во период на вашето владеење имавте можност, а не ги направивте. Меѓутоа кога говориме за овој проект, за овој централен топлински систем во Градот Битола кој е од исклучително значење за битолчани децении и децении наназад. Јас и моите колеги пратеници од ВМРО-ДПМНЕ од Битола го знаеме и знаеме што значи овој голем проект.

Со овие зборови пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Кузмановска им се обрати на пратениците од СДСМ. Потоа пратеничката Кузмановска се осврна на првичната идеја за воведувањето на ваков топлински систем во Битола.

Идејата за воведување на еден ваков топлински систем преку користењето на топлинската енергија од РЕК Битола, всушност можеме да кажеме дека е една долгоочекувана одговорност на ЕЛЕМ од страна на битолчани и токму тоа го прават ЕЛЕМ заедно со Владата на Република Македонија, посочи Кузмановска.

Кузмановска исто така образложи и за тоа какво ќе биде значењето за Битола и битолчани од реализацијата на овој проект.

Во делот на користењето на топлинската енергија за греење, ќе се намали и електричната енергија и трошењето на огревното дрво, што всушност ќе значи и намалување на сите штетни материи во воздухот, додаде Лилјана Кузмановска.

На крајот, Кузмановска се осврна и на нелогичните обвинувања од страна на опозицијата дека ЕЛЕМ нема средства и како што рече таа, пратениците од СДСМ фрлаат сомнеж во врска со реализацијата на овој голем проект.

Не можам да разберам, зошто граѓаните да ги ставаме во дилема, и покрај големиот број на реализирани проекти и инвестиции, дека ЕЛЕМ нема капацитет да го направи овој проект и дека тие ќе пропаднат. Напротив, како битолчани, треба да бидеме горди што проектот за топлификација започнува сега,заврши пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Кузмановска.