Кузмановска: Во буџетот нема пари за зголемување на пензиите и социјалната помош, а има за партиски вработувања

Граѓаните треба да знаат дека со ребалансот на буџетот нема предвидено пари за зголемување на пензиите и социјалната помош, но има пари за партиски вработувања, истакна денес на Комисијата за финансирање и буџет во дебата за ребалансот на буџетот,  пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Кузмановска.

-Нема зголемување на пензиите, ова пензионерите треба да го знаат. Нема зоглемување на социјалната помош нешто што е еден од проектите на ВМРО-ДПМНЕ во текот на изминатите години, одговорете зошто се прекинува тој ланец на добри политики за пензионерите и  за социјалните категории на граѓани, потенцираше Кузмановска.

Таа додаде дека капиталните инвестиции се намалени за 3.5 милијарди денари, односно 58 милиони евра.

-Сега зошто и каде се крати, односно каде се алоцирааат средствата со овој ребаланс, кажавте вие за радиодифузната такса, за субвенционирање, но граѓаните мораат да знаат каде се зголемуваат ставките. Значи се зголемуваат за плати во Агенцијата за разузнавање, во Комисијата за зашитата на конкуренција, Државната комисија за жалби по јавни набавки, во делот на привремени вработувања во Владата на Република Македонија, нагласи Кузмановска.

Таа додаде дека и со препораките на Прибе беше укажано да нема привремени вработувања и потенцираше дека се зголемуваат платите во Министерството за одбрана и во Министерството за правда.

-Значи зголемување на сите агенции и регулаторни тела во делот на плати, тоа не е буџет кој значи штедење и тоа не е реформски буџет. Кратењето е најголемо што е исто така многу важно во делот на образованието и сакам да слушнам зошто во ова министерство се направило најголемо кратење, праша Кузмановска.

Таа рече дека од 2006 година буџетот во Министерството за образование и наука е зголемен за 72%.