Кузмановска: За осум месеци власт на СДСМ имаме енормно задолжување, пад на економијата и загрозена куповна моќ на граѓаните

Македонија доживува економско фијаско. Денеска СДСМ се задолжува за нови 24 милиони евра. И ова е трето задолжување за само три недели, со што вкупната сума за која што СДСМ ја задолжува земјава од почетокот на година се искачи на 600 милиони евра. Од нова година наваму, расипничката власт го задолжи секое 4 члено семејство за 1.200 евра. Пари кои утре треба да ги враќаат нашите деца, истакна Лилјана Кузмановска на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.

„Уште потрагично е што неспособната влада на СДСМ нема реализирано ниту еден инфраструктурен проект, ниту, пак, го подобрела стандардот на граѓаните. Државата се задолжува, а парите завршуваат по нечии џебови. Со месеци беа стопирани сите проекти, а ниту еден нов капитален проект не е отпочнат. Пензиите не само што не се покачија, туку се укина и предвиденото покачување од владата на ВМРО-ДПМНЕ. Нема пари ниту за ветената просечна плата од 30.000 денари, ниту за плата од 100.000 денари за докторите. Нема пари ниту од ветениот поврат од 30.000 по основ на ДДВ, којшто Заев го ветуваше за секое четиричлено семејство на крајот на годината“, рече Кузмановска

Посочи дека откако од пред осум месеци Владара ја предводи СДСМ, државата е задолжена за 1,3 милијарди евра. Го предвидоа, додаде Кузмановска досега најобемниот Буџет со огромен буџетски дефицит, но со речиси никакви зголемувања во делот за капитални инвестиции.

„Ништо од ветените 5 отсто годишен раст. Растот на економијата за првите три квартали е негативен. Трошоците на живот пораснаа за 1,4 отсто, а цените на мало за 3,2 отсто, во исто време кога просечната плата не се зголемува, што директно влијае на стандардот на граѓаните на неговото намалување а зголемување на немаштијата.Државата нема никакви изгледи за развој. Индустриското производство кое е мотор на економијата во август падна за 5,3 отсто, рударството за 6,1 отсто, а преработувачката индустрија падна за 8 отсто. Ова потврдува дека економската слика на државата е катастрофално лоша со тренд на дополнително влошување“, рече Кузмановска.

Од друга страна, потенцирашее таа, Заев, Анѓушев и Тевдовски не се откажуваат од луксузот и расфрлањето.

„Воведуваат нови функции и нови буџетски дополнителни трошоци. Сето тоа на товар на граѓаните. СДСМ со секој свој чекор во економијата удира по сиромашните. Државата се задолжува, економијата паѓа, куповната моќ на граѓаните е загрозена. Ова е билансот од осум месеци власт на СДСМ. Граѓаните се притиснати на дното, а државата и натака ги турка кон дното“, додаде претставничката на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.