Кузмановски е замената за Миркуловски

Македонската ракометна репрезентација последниот натпревар од квалификациите за Европското првенство во Полска против Чешка ќе го игра без Филип Миркуловски, а на негово место е повикан Горан Кузманоски. Миркуловски се повреди на синоќешниот тренинг.

– Кај Миркуловски има одвојување на мускулот на потколеницата. Повредата е сериозна. По дополнителен напор состојбата може да стане подраматична, да дојде до кинење на мускулот и последици кои можат да му ја загрозат и кариерата. Затоа не ризикуваме, изјави директорот на репрезентацијата д-р Никола Панчевски.

Миркуловски вели дека на тренингот почуствувал болка, што ја имал подолго време, но не со таков интензитет. – Мускулот ме болеше и за време на натпреварот со Швајцарија, но по слободниот ден се чуствував подобро. Сепак, се случи и повредата на тренингот вчера при обид да направам вообичаено движење, изјави Миркуловски.

Инаку, пред тренингот на македонската репрезентација тренираа и Чесите. И тие за последниот натпревар се соочуваат со проблеми и повреди, па така ќе отсуствуваат Филип Јиха и уште неколку играчи носители на нивната игра.

Извор: Курир