Квалификации за СП 2018: Победа на Македонија на гостувањето кај Израел

Фото: 24fudbal.com.mk

Подмладената македонска фудбалска селекција минимално но сосема заслужено во петтиот меѓусебен натпревар го забележа првиот успех против Израел и тоа пред неговите навивачи во натпреварот од Групата Г од квалификациите за Светското првенство коешто следната 2018 година ќе се одржи во Русија.

Оваа победа којашто ја донесе капитенот Горан Пандев со голот во 74 минута, негов на гости прв по една деценија, нема да донесе напредок на табелата во нашата група, но сепак покажува дека околу репрезентацијата се создава позитивна атмосфера со подмладувањето и комбинацијата со искусните играчи. Тоа е особено важно пред возвратниот дуел со Албанија кој по три дена ќе се игра во Струмица, откако со 1:2 несреќно во доигрувањето на мечот бевме поразени на гостувањето.

Избраниците на Игор Ангеловски одиграа дисциплинирано во текот на целиот натпревар, препуштајќи му го поседот на топката на домаќинот но создадоа повеќе шанси од Израел, изведе повеќе корнери и на крајот заслужено дојде до победата.

Македонија постигна гол и кон средината на полувреме откако голманот на Израел слабо интервенираше при обидот да ја боксува нафрлената топка којашто потоа од Ристевски се одби во мрежата, но судиите го поништија погодокот поради наводен офсајд на Несторовски. Неколку минути подоцна стативата го спаси голот на Израел, односно спречи домашните да сами да си ја затресат мрежата.

Во второто полувреме македонските фудбалери похрабро тргнаа кон голот на Израел, кој без идеја јалово се обидуваше главно со шутеви од далечина да постигне гол.Клучниот момент се случи во 74 минута кога Елиф Елмас итро го проигра Горан Пандев зад израелската одбрана, а овој потсети на своите најдобри фудбалски денови и мајсторски реализираше.

До крајот на мечот Израел безуспешно се обидуваше да дојде до изедначување, но Македонија рутински го сочува резултатот и на крајот заслужено се радуваше на победа, во којашто значаен придонес имаше и голманот Столе Димитриевски кој забележа неколку одлични интервенции.