Квалификации за СП 2018: Шпанија убедлива во дербито Италија

Фудбалерите на Шпанија во саботата ноќта во Мадрид ја совладаа Италија со убедливи 3:0 во дерби натпреварот во квалификациите и во Групата Г во која е и Македонија и со тоа направија голем исчекор за директен пласман на Светското првенство коешто следната година ќе се игра во Русија.

Двоен стрелец за Шпанија беше Иско, во 14 и 40 минута, а третиот погодок го постигна Алваро Мората во 77 минута.

Шпанија во нашата група е прва на табелата со 19 бодови, додека Италија остана со 16. Во оваа група Албанија го совлада Лихтенштајн со 2:0, додека Македонија ги победи Израел во Хаифа со 1:0.

Саботниот квалификациски меч од Групата И меѓу Хрватска и Косово на стадионот „Максимир“ во Загреб беше прекинат поради невозможни услови за игра, односно поради потопениот терен. Поради дождливото време теренот беше толку натопен со вода што топката често застануваше во локвите кои ги имаше на речиси целиот терен.

Натпреварот беше привремено прекинат во 23 минута, а консултациите траеја десетина минути, по што судијата од Шведска, Стефен Хоханесон со делегатот од ФИФА се договори дефинитивно да го прекине. Мечот нема да продолжи в недела, како што првично беше објавено, а ќе се бара нов термин поради тоа што хрватската репрезентација утре наутро треба да патува на следниот меч од квалификациите.

Во оваа квалификациска група претходно Финска го совлада Исланд со 1:0, со што ѝ направи услуга на Хрватска, која може да се одлепи на врвот во трката за директен пласман. Единствениот гол уште во 8 минута го постигна Александер Ринг.

Во оваа група моментално во водство, со бод повеќе од Хрватска и Исланд, е Украина којашто на домашен терен ја совлада Турција со 2:0. Двоен стрелец беше Андриј Јармоленко во 18 и 42 минута. Меѓутоа и двата голови се спорни. Првиот беше постигнат од офсајд, додека при вториот гол асистентот Јехвен Конопјанка ја мина корнер линијата пред да додаде до стрелецот.

Во Групата Д, Србија претходно попладнето во Белград ја совлада Молдавија со 3:0, а во полза ѝ оди тоа што Република Ирска во Грузија одигра 1:1. Велс, пак, вечерта ја совлада Австрија со 1:0 со голот што го постигна 17-годишниот Бенџамин Вудбурн во 74 минута.

На Табелата води Србија со 15 бодови, ја следат Ирска со 13 и Велс со 11 бодови.