Колумни

Квислинзи

Квислинзи

Видкун Абрахам Лориц Јонсен Квислинг е норвешки политичар, основач и лидер на партијата „Народен Сојуз“, која била помагана од германските нацисти. Во втората светска војна, Квислинг им се оддолжува на нацистите за помошта која ја добивал за својата партија претходно. За време на нацистичката инвазија на Норвешка, „Народен сојуз“ всушност бил петтата колона.

На почетокот на Втората светска војна, Квислинг одржал голем број на состаноци со Хитлер и со неговите најблиски соработници и успеал да ги убеди во нужноста за нивно освојување на Норвешка. Па така, во април, 1940 година, нацистичка Германија ја нападнала Норвешка и извршила инвазија. Kвислинг тука ја видел својата прилика да дојде на власт. Само неколку часа по германската инвазија на Норвешка тој се самопрогласил за премиер, а неговиот „Народен сојуз“ станал единствена легална политичка партија. Норвешка капитулирала веќе следниот месец.

Но, најинтересно е тоа што до 1942 година, значи цели две години, Германија не го признавала официјално Квислинг за премиер на Норвешка. Барала прво кралот Хокон VII да го признае, но тој упорно одбивал. Дури потоа нацистите одлучиле да го признаат Квислинг за премиер на Норвешка.

Како благодарност за потегот на нацистите, Квислинг макотрпно се трудел да ги всади нацистичките принципи во норвешкото општество. Тој дури организирал и прогон на Евреите. Исто така, спроведувал и терористички методи и против оние кои искажувале лојалност кон легално избраната влада.

По завршувањето на Втората светска војна, Видкун Квислинг бил уапсен и норвешкиот суд го осудил на смрт со стрелање. Неговата смртна казна била извршена во откомври, 1945 година.

Името на Квислинг, потоа, станува светски синоним за предавник и соработник со странски непријател. Синоним на овој израз е Јуда.

Тоа е печатот кој историјата го ставила на овој политичар.

Е сега, седумдесет години подоцна, ние во Македонија имаме слична ситуација.

Имаме претседател на опозициска партија, кој призна дека соработува со странски тајни служби, и кој од нив добил снимки од прислушувани разговори на македонските граѓани. Од раководството на државава, па се’ до нас најобичните луѓе. Сите сме снимени.

Како и Видкун Квислинг, така и Зоран Заев претендира да стане премиер. Тоа, исто како и во случајот со Норвежанецот, не му е изводливо да го оствари на избори. Незнам само дали Квислинг одел пешки до Германија. Заев и неговата партија не добиваат поддршка од народот во Македонија, веќе безмалку цела една деценија. Ама пустата желба тој очигледно си зацртал дека мора да си ја оствари. Се втурнува во прегратките на најопасните. На разузнавачките служби. Со нивно оружје Заев уценува. Го уценува македонскиот премиер, само за да си ја исполни својата алчна желба. На сметка на сите нас, обичните граѓани.

Не попусто вели народов тука: „Најлоши се јаничарите“. Оние кои се во служба на туѓите интереси, а против чувствата и интересите на својот народ.

Македонската јавност сеуште не знае точно во чии странски прегратни е Заев. Но, едно е сигурно. Тие прегратки се душмански за Македонија. Тие не и’ мислат добро на земјава и на народов тука.

Вистинскиот пат, кој тој мора да го изоди за да стигне до премиерската фотеља во Македонија е напорна работа, посветеност и програма. Се разбира ако сака да ја придобие довербата и наклонетоста на граѓаните. Само народот може да го седне во премиерската фотеља и никој друг. Па, зарем не ли научи досега дека омилените на СДСМ византиски игри неможат да му донесат никакви придобивки, ниту гласови на избори?

Странската држава со својата разузнавачка служба, која му помага на нашиов Квислинг, еден ден ќе дојде по наплата на своето, а историјата ќе стави печат и на овој политичар, како што стави на норвешкиот.