Македонија

Нови квоти за приватните аптеки со договор со ФЗОМ

Нови квоти за приватните аптеки со договор со ФЗОМ

Новите квоти за приватните аптеки почнуваат да важат од денеска.

– Со оваа прераспределба Фондот за здравствено осигурување има цел да овозможи посоодветна дистрибуција на средствата за лекови, односно подобра снабденост за осигурениците, соопшти минатата недела ФЗОМ.

Средствата се распределени на вкупно 768 аптеки кои во моментов имаат активен договор. Од нив, кај вкупно 634 аптеки квотата се зголемува, за 74 аптеки се намалува, за 37 аптеки квотата не се менува, додека кај 23 нови приватни аптеки кои до ФЗОМ доставија комплетна понуда за склучување на договор и се дел од мрежата на здравствени установи се определуваат нови квоти (15 аптекарски станици, 5 подвижни аптеки, 2 аптеки и 1 рурална аптека).

Буџетот на ФЗОМ за квоти за аптеките за 2015 година е две милијарди и 450 милиони денари.

Прераспределбата и определувањето на квотите е направено согласно Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за критериумите за склучување договори, утврдување на постапка за определување на месечниот износ на средства и начинот на плаќање на здравствени услуги на здравствените установи кои вршат обезбедување на осигурените лица со лекови на рецепт од листата на лекови кои паѓаат на товар на ФЗОМ во примарна здравствена заштита (Сл.весник бр.48 од 25.03.2015 година).

Согласно Правилникот, ревидирањето на квотите е направено врз основа на просечно месечно реализирани износи на квоти, согласно податоците со кои располага Фондот во последните шест месеци, при што квотата се зголемува или намалува во зависност од нивната реализација според дефинираната скала од правилникот.