Лабораторијата во Центарот за генетско инженерство стана комплетно акредитирана

Лабораторијата за геномика и протеоника инсталирана во Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологии „Георги Д. Ефремов“ при МАНУ стана комплетно акредитирана и испитувањата кои ги врши отсега се и меѓународно признати.

Лабораторијата ќе биде достапна за македонските граѓани кои за таа цел досега одеа надвор од државата, но и за странски државјани. Лабораторијата, која е дел од проектот на Владата за набавка на 80 лаборатории на факултетите и институтите низ Македонија, денеска ја посети заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Ова е многу значаен исчекор и втора фаза од процесот на набавка, а тоа е нејзината акредитација. Основни седум методи на оваа лабораторија се акредитирани, со што таа сега е комплетно акредитирана. Сите испитувања што се вршат овде, рана дијагностика на различни болести – генетски, наследни малигни, со методите на лабораторијата сега се и регионално и меѓународно признати, изјави Ристовски.

Информираше дека од 80-те лаборатории во проектот за набавка, 42 се акредитабилни, 11 го завршиле процесот на акредитација, а наскоро се очекува целосно да бидат акредитирани уште три лаборатории на  Градежниот факултет.

До средината на оваа календарска година очекувам сите останати да го завршат процесот. Триесетината кои се останати, а кои се акредитабилни, се во длабока фаза на процесот на акредитација и треба да коригираат извесни детали за да ги добијат сертификатите од соодветниот институт за акредитација во Македонија. Во следниот период очекуваме сите акредитирани лаборатории своите методи да ги користат, пред се, за научни дејности но, секако, и да ги комерцијализираат и преку нив да остваруваат дополнителен приход, додаде Ристовски.