Лабораториски развиени човечки јајце клетки

Научници во лабораториски услов развиле човечка јајце клетка до полна зрелост, што би можело да претставува пресвртница во постапките за потпомогнато оплодувње, се вели во студијата објавена во списанието Molecular Human Reproduction.

Научниците во Њујорк и во Единбург развиле нова метода за развој на јајце клетки од рана фаза до целосна зрелост. Јајце клетките, односно, се развиени до фазата кога може да бидат оплодени.

„Ова е првпат човечка јајце клетка да биде развиена во лабораторија до фазата на потполна зрелост“, се наведува во изјавата на универзитетот во Единбург.

Експерти кои не учествувале во истражувањето ги поздравуваат овие резултати како ветувачки, но предупредуваат дека би можело да изминат години додека тие не станат сигурна и докажана терапија.

Оваа техника особено би можело да биде полезна за жените коишто, на пример, минуваат низ хемотерапија којашто негативно влијае врз плодноста. Тоа би им овозможило, пред започнувањето на хемотерапијата, јајце клетките во раната фаза да бидат смрзнати и потоа подоцна во лабораторија да бидат одгледани до потполна зрелост.