Колумни

Ладно, па топло, па млако

Ладно, па топло, па млако

Уште не преспавме по мундијалското финале, кога еве гости. Во понеделникот, помошник-државниот секретар Викторија Нуланд, ја заврши во Скопје својата балканска турнеја. Учтива изјава, педагошка, охрабрувачка и не многу ветувачка. А НАТО самитот во Kардиф се приближува. Следниот ден, изборот на Јункер за европски премиер. Не навлегувајќи во неговата оптимистичка програма во Европарламентот, инвестициите од 300 милијарди и отворањето на многубројни работни места, за Западниот Балкан, па и за нас, беше разочарувачка изјавата дека во следните пет години, односно до 2018 нема проширување. Всушност, Јункер ја затвори вратата, не ја ниту подзатвори. Kонечно, истиот ден, во Дубровник, една убава изјава на канцеларката Меркел. Не бевме навикнати на такви изјави, освен на рутинското и сувопарното- решете си го проблемот!

Но, да одиме по ред. Нуланд вистина не не` заобиколи. Убави разговори и разбирање со соговорниците, од власта. Пораката е: потребна ви е политичка и меѓуетничка хармонија. И борба против корупцијата, криминалот, за независно судство итн. Ова за хармонијата е всушност критика на опозицијата и етноекстремизмот. Нуланд, се разбира не може да замисли некоја американска партија, по изборите да го бојкотира сенатот или конгресот, не може да замисли после некоја судска пресуда, во Чикаго или Њујорк заради тоа што некој од ракав изјавил дека осудените биле невини или осудени без докази- да избијат на пример меѓурасни и слични нереди, вандализам, напад на судовите итн. Но, вистина е дека тоа кај нас се случува, и дека на државата и се прават огромни штети, во претставите за неа надвор, но и за претставите за божемната ровитост на внатрешниот поредок. Нуланд нагласува: Сите имате одговорност, овде во регионот да воспоставите пример за македонска и албанска заедница што живеат заеднички во мир и просперитет!

Нуланд останува на поддршката на САД за НАТО и тоа до крајот на процесот. Доколку вистина има шанса, има шанса и за другите кандидати. Македонија е сепак, со својот стаж – приоритет. Но тоа беше млако речено.

Рековме, Јункер, ги затвори вратите на ЕУ, за следните пет години. Проширувањето е официјално стопирано. Всушност тоа сите си го знаевме. И ние и Србите и Црногорците и Албанците и др. Особено ние, бидејќи, веќе седум години сме во чекалната или во претсобјето на Унијата. Изјавата на Јункер, нема некое големо значење. И за нас и за другите, на кои им е отворен патот на преговорите, јасно е дека тие ќе траат неколку или повеќе години и дека за пет години нема некои реални изгледи, некој да се приклучи. Па сепак, наеднаш Јункер ги затвора и вратите, а ги анулира и сите меѓусебни обврски на кандидатите и на Унијата. Тие обврски произлегуваат инаку и од спогодбите за асоцијација, нашата е на пример потпишана уште 2001 година, но и од постојаниот политички дијалог, а во последните неколку години и на „високо ниво“. Па зошто се прават сите годишни извештаи за прогресот и дијалози на високо ниво, доколку процесот е затворен?

Или, пак, нам сега ќе ни понудат решение со „дијалог на апсолутно највисоко ниво“? Нема сомневање дека бирократот Јункер, наесен ќе го прифати комисискиот позитивен извештај за реформите и прогресот на Македонија и ќе додаде два-три утешни збора: решете си ги домашните проблеми и реформи, решете си го спорот со името, видете малку за добрососедските односи и сл. Затворањето на вратата на проширувањето, има и социопсихолошко значење, а Јункер веројатно не бил свесен за тоа, во говорот пред Парламентот. На пример за што пак народите и државите на Западен Балкан да се залагаат или да негуваат надежи за влез во Унијата, ако вратите им се однапред и автоматски затворени? Не важи ли веќе политиката на Унијата – проширување да, според реформите и резултатите? Многу ќе треба, за Јункер и бриселската бирократија да ги разберат и објаснат тие свои ставови, впрочем и ставови наспроти на оние на повеќето членки на Унијата.

Но, најголемо и убаво изненадување беше настапот на канцеларката Меркел во Дубровник. Прво, како никогаш досега, канцеларката потврди дека Германија и таа лично се занимавале интензивно со прашањето на Македонија. Дури и самата се занимавала со комбинациите за името на државата. Меркел во Дубровник, дошла директно од Бразил, веројатно по преспиена ноќ. Но, и Јосиповиќ потврдува дека исправно ја објаснила политиката на Унијата. Таа не споменува – затворање на процесот на проширување, напротив, цврста политика на отворање на Унијата. Меркел потврдува дека и лично, а тоа значи и германската надворешна политика се многу определени за решавање на проблемот на спорот со името, но дека, на крајот, мора да се постигне компромис, во кој двете страни ќе бидат еднакво незадоволни или еднакво задоволни. Меркел, го охрабрила целиот регион во постигнувањето на европските стандарди, во изградбата, во инфраструктурата, енергетиката итн. а пред с` во усогласување на неговата политика со таа на ЕУ бидејќи и ним не им е лесно. Но, вниманието посветено на Македонија, вистина заслужува почит.

Сега на нас е да го искористиме тоа и да ги проучиме сите овие настапи, посети, изјави. Летна шема или не, но претстои интензивна политичка есен. Дипломатијата дефинитивно ќе мора да се активира, без разлика што во Берлин и Вашингтон немаме амбасадори, ниту, пак, посредник во разговорите со јужниот сосед. Политичката дипломатија ни е многу поважна од здравствената и културната, па и од економската. Есенва, да ја искористиме како што треба.

Пишува: Димитар Мирчев за Дневник