Лагард: Грција да покаже зрелост во преговорите

Директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард изјави дека во преговорите помеѓу Грција и кредиторите недостасува “повеќе зрелост и сериозност”.

Лагард синоќа во интервју за Си-Ен-Ен рече дека истекувањето на рокот за исплата на заостанатата рата од долгот која Атина сеуште не ја подмирила “не претставува поволен развој на ситуацијата” од проста причина што неисполнувањето на обврските од страна на Грција го спречува ММФ да обезбеди дополнителна финансиска помош.

Директорката на ММФ исто така нагласи дека Грција мора да превземе сериозни и одлучни структурни реформи во согласност со барањата на Европската Унија доколку сака да “тргне напред и да обезбеди поголема помош од своите меѓународни кредитори”.

“Сите членки на ММФ имаат желба оваа криза конечно да се разреши. Заинтересирани сме тоа да се случи на еден фер начин, бидејќи не гледам причина зошто Грција би била исклучок и би добила некој посебен третман. Погледнете ги Ирска и Португалија, погледнете ги и земјите на другите континенти, кои се во слична ситуација како Грција, а кои направија тешки реформи”, изјави Лагард во синоќешното интервју.

Таа исто така рече и дека ММФ ќе продолжи да соработува со Грција дури и при евентуален банкрот, а додаде и дека “поради смалување на големата неизвесност и конфузија во преговорите, неопходно е Грција да покаже поголема зрелост”.

Грција е првата развиена земја која го нема платено долгот кон ММФ, така што автоматски е лишена од негова понатамошна помош.