Лајчак: За Македонија е несреќно вмешувањето од странство во внатрешните процеси

Оваа порака ја испратил министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак на дискусијата за Западниот Балкан на Советот за надворешни работи на Европската унија во Брисел.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Лајчак овој свој став го повтори во изјава за МИА по завршувањето на состанокот на Советот посветен, според него, најмногу на Босна и Херцеговина и Македонија.

Запрашан дали министрите ја осудиле албанската платформа во Македонија како мешање на странска држава во внатрешните прашања на земјата, шефот на словачката дипломатија со одговор: – Тоа е дебата. Ние не донесовме формални заклучоци, така да знаете, министрите ги кажуваат само своите ставови. И тоа беше кажано и јас предмалку кажав за нашата агенција дека е тоа многу нестандардно и несреќно за земјата да има такво вмешување од странство во внатрешните процеси. Бидејќи формирањето на Влада навистина е процес кој треба да биде во рацете на домашните политичари. Па, така, тоа е фактор што дополнително ја искомплицира работата – истакна Лајчак.

Словачкиот министер потенцираше дека шефовите на ЕУ-дипломатиите имале многу добра дискусија, која била многу позитивна за регионот, бидејќи сите министри го истакнале фактот дека Европската унија во последно време се откажа од својот важен регион и како резултат се гледа слабеење на про-европските сили внатре во земјите

– Со тоа отворивме простор на други играчи, што не е ненормално. Европската понуда е најдобра и најатрактивна, но таа треба да стои и понатаму да биде кредибилна. Тоа е во наши раце, па затоа оваа денешна дебата за мене беше позитивна во таа смисла дека сите министри цврсто рекоа дека треба да се вратиме на Балканот и да го вратиме кредибилитетот на процесот на проширување и јас верувам дека како резултат на оваа дебата дека тоа јасно ќе се покаже и во регионот. Со наше политичко присуство тоа може да се реши, а и треба процесот на проширување да стане помалку технички, како што е денес, а повеќе политички. Да престанеме да се правиме дека нудиме европска перспектива, а земјите во регионот да престанат да се прават дека сериозно се ангажирале во реформите. Да станеме сериозни едни кон други, бидејќи навистина понудата што ја нуди Европската унија е најдобра, додаде Мирослав Лајчак.

На крајот, министерот за надворешни работи на Словачка потенцираше дека Федерика Могерини брифирала за нејзината посета на Балканот и посочи на кои земји паднал фокусот во дискусијата:

– Високата претставничка ни даде информација за својата посета, а најмногу се говореше за регионот во однос на Европската унија, а што се однесува до поединечни држави, најмногу се говореше за Босна и Херцеговина и за Македонија, заклучи Лајчак.

Пред почетокот на денешниот Совет на ЕУ, токму Мирослав Лајчак изјави дека две држави на Балканот се пред распад, а три се во голема политичка криза, потенцирајќи дека Федерика Могерини се вратила од балканската турнеја – фрустрирана.