Лајчак: Што и да се случува, важно е да се почитуваат законите и демократските принципи

Сите во Македонија треба да ги почитуваат законите и демократските принципи, гласи пораката на министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак, во однос на случајот „Пуч” и заканите со компромитирачки материјали добиени од странски разузнавачки служби кон премиерот Никола Груевски упатени од лидерот на опозициската СДСМ, пишува МИА.

Шефот на словачката дипломатија во изјава за МИА пред почетокот на денешниот Совет за надворешни работи на Европската унија, испрати јасна порака дека државните интереси и законите треба да бидат најважни за сите политички чинители во една држава.

– Гледам и следам што се случува во Македонија. Па, што и да се случува во земјата, важно е да се почитуваат законите и демократските принципи. Тоа е клучно. Имаше изнесено тешки зборови во земјата и сега треба да се покаже што е суштината и уште еднаш да се почитуваат демократските правила и независноста на судството, истакна министерот Лајчак.

Шефот на дипломатијата на Словачка, исто така истакна дека неговата земја, како и ЕУ во целост, се подготвени да и помогнат на Македонија по природната катастрофа со поплавите кои и нанесоа штета на државата.

– Апсолутно сме подготвени да помогнеме за поплавите. Работиме на нашата помош на националните капацитети и мислам дека би можело да дискутираме за ова и денеска на Советот за надворешни работи потенцира Мирослав Лајчак.