Лампард: Агуеро е во класата на Роналдо и Меси

Фудбалерот од средниот ред на Манчестер Сити Френк Лампард смета дека неговиот соиграч Серхио Агуеро е иста класа како Кристијано Роналдо и Лео Меси.

„Тоа е тешко прашање, но кога станува збор за играчките квалитети, особено сега кога го гледам одблиску, тој е во таа категорија“, вели Лампард.

„Ако остане во ваква форма и продолжи да биде константен, луѓето ќе зборуваат за него во иста реченица со Роналдо и Меси“, изјави Англичанецот.

Фудбалскиот репрезентативец на Аргентина моментно е првиот стрелец во Премиер лигата со постигнати 12 погодоци.

„Немав среќа да играм со Роналдо или со Меси, само им се восхитував оддалеку, но сигурен сум дека Агуеро е тука покрај нив кога станува збор за завидни фудбалски способности“, додава искусниот англиски фудбалер.

„Со него е навистина полесно бидејќи ги користи сите прилики во кои ќе се најде“, заклучи Лампард.

Фудбалерот на Њујорк Сити кој настапува за „Граѓаните“ се осврна и на еден од своите поранешни соиграчи.

„Напаѓачите од светска класа помагаат ти да освоиш поени. Имав среќа да играм со Дрогба кој за мене беше најголем, но многу е тешко да се споредуваат тие двајца бидејќи имаа различни стилови на игра, но кога се работи за реализацијата, брзината, одличен е“, истакнува Лампард.

„На самиот почеток кога дојдов луѓето ме прашуваа кој што прави на тренингот, а јас им одговорив, Агуеро е друга класа. Тоа и го докажа, не може да престане да постигнува голови за тимот“, заклучи Лампард.