Лампард едвај чека да заигра за Манчестер сити

Она што се навестуваше на големо, конечно се оствари – Френк Лампард и официјално е нов член на Манчестер сити, откако потпиша договор за следните шест месеци да ги мине во дресот на англискиот фудбалски првак. Искусниот 36-годишен фудбалер потпиша за екипата на Њујорк сити, но бидејќи овој тим дури догодина ќе почне да се натпреварува во МЛС-лигата, тој реши во меѓувреме да остане во татковината и да биде дел од амбициозниот проект на „сините“ од Манчестер.

„Едвај чекам да заиграм за Манчестер сити, тоа е можност за мене да продолжам да играм и да тренирам на највисоко можно ниво и да бидам во топ-форма пред преселбата во Њујорк. Се сретнав со тренерот Пелегрини и со дел од соиграчите за време на нивната турнеја во САД, јасно е дека доаѓам во еден од најголемите клубови во Англија и ќе дадам се за да му помогнам во остварувањето на зацртаните цели“ – изјави Лампард.

Задоволен од комплетирањето на оваа позајмица е и менаџерот на Манчестер сити, Мануел Пелегрини.

„Ќе ми биде чест да работам со фудбалер како Френк Лампард и не се сомневам дека тој ќе ни биде од помош во периодот што ќе го мине во нашиот клуб. Сметам дека оваа позајмица ќе биде од корист за сите, ние добиваме врвен искусен фудбалер, додека тој ќе може да работи во голем клуб пред трансферот во Њујорк“ – истакна Пелегрини.

Инаку токму Пелегрини ќе биде на слатки маки, со оглед на тоа дека на располагање има комплетни два тима кои слободно можат да се борат за шампионската титула во Премиер лигата.

mancester-siti

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.