Лани откриени 25 криминални групи кои ги сочинувале 261 лице

Со активен пристап во водењето на криминалистичките истраги како и преку спроведување на полициски операции на национално, регионално и меѓународно ниво за  сузбивање на организирани групи вклучени во  повеќе криминални области минатат година се открини 25 криминални групи.

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека во  текот на 2013 година сузбиени се вкупно 25 криминални групи со 261 член, од нив 238 македонски и 23 странски државјани, кои делувале во областа на недозволена трговија со дрога, организираниот – економски криминал, корупцијата, компјутерскиот криминал, фалсификување документи, криминалот поврзан со криумчарење мигранти, недозволена трговија со културни добра, криумчарење акцизна стока и кривични дела против државата.

Во годината пред тоа биле сузбиени исто толку криминални групи, но со 193 членови.

Од МВР потенцираат дека  кај седум од споменатите криминални групи е идентификувано „злосторничко здружување“, поради што 116  сторители- членови на овие групи се пријавени за 15 вакви кривични дела.

Една од позначајните активности на министерството е сузбивањето на 20-члена криминална група која вршела кривични дела против државата. Членовите на групата се сегашни и поранешни вработени во нашето министерство, вработени во Агенција за разузнавање, Министерство за одбрана, други државни институции и вработени во приватни фирми и медиуми, кои за време на своето работење за потребите на странските разузнавачки служби прибирале и доставувале класифицирани материјали и податоци за состојбата во државата. Покрај ова, на незаконит начин обезбедувале податоци за лица од јавниот живот  и преку закани и уцени ги држеле во заблуда со прикажување на невистинити податоци на интернет сајтови или во медиумите. Членовите на групата се пријавени за кривичните дела „шпионажа“, „оддавање државна тајна“, „уцена“, „измама“ и „злосторничко здружување“.

Од страна на Министерството во соработката со странските безбедносни служби на регионално и меѓународно ниво како и по самостојно спроведените акции во делот на откривање на недозволената трговија со дрога, сузбиени се 11 криминални групи во кои членувале вкупно 57 (лица. Членовите на овие криминални групи биле инволвирани во недозволена трговија со хероин и марихуана.

Лани, зголемен е бројот на откриените кривични дела „перење пари и други приноси од казниво дело“, односно откриени се 12 вакви дела за кои се пријавени се 45 сторители. Пријавените лица се управители, одговорни лица и сопственици на приватни фирми, референт, брокер и нотар, кои незаконски со злоупотреба на службената положба, даночно затајување, фалсификување исправа, измама и недозволена трговија со дрога пуштиле во легалниот промет парични средства во висина од над 1,2 милијарда денари.

Во овој дел откриени се две криминални групи и тоа: 16-члена криминална група преку 17 правни лица каде сторителите биле одговорни лица, со изготвување на лажни фактури за наводно остварен трговски промет, легализирале стока што претходно била набавена на “црно“ и вршеле преноси и прикривање на паричните средства кои потекнувале од нејзината продажба, по што  паричните средства ги подигале во готовина или ги пуштале во оптек за набавка на друга стока. На овој начин, групата обезбедила прилив на сметките на правните лица во вкупен износ од околу 777 милиони денари.

Втората шестчлена криминална група со злоупотреба на службената положба и со фалсификување на исправи при доделување на градежно земјиште и изградба на објект во Скопје стекнале криминални приноси во висина од околу 65,8 милиони денари, по што истите ги легализирале со склучување на Договори со невистинита содржина за наводно посредување, а потоа ги префрлале на личните сметки на пријавените и сметки на домашната фирма на еден од пријавените, наменски регистрирана во нашата држава.

Исто така во 2013 година, продолжија активностите по две операции што беа реализирани во 2012 година, при што во рамки на операциите „Детонатор“  и “Керозин“ дополнително девет физички и четири правни лица се пријавени за кривично дело „перење пари“.