Лани продадени 16.667 недвижности, прометот 30 милијарди денари

недвижности

Највисока регистрирана трансакција минатата година била за станбена зграда со површина од 6.397 метри квадратни во општина Сопиште којашто во јуни лани е продадена за 1.703.434 евра. Најмалата цена достигната за продажба на стан е евидентирана во септември во Штип, каде стан од 72 метри квадратни е продаден за 2.000 евра.

Според податоците што ги објави денеска Катастарот, највисоката регистрирана купопропродажба лани била трансакција во износ од 4.130.000 евра со деловен простор со површина од 7.611 квадратни метри во реонот на Универзална сала во општина Центар.

Како што информира директорот на Катастарот Славче Трпевски, во 2016 година се регистрирани 16.667 продажби на недвижности со вкупен промет од околу 30 милијарди денари. Околу 150 милиони денари, пак, изнесува прометот од регистрираните 8.201 закупнина.

Просечната годишна цена за стан од 73 метри квадратни на ниво на Македонија изнесува 2.633.329 денари. Гледано по општини просечната годишна цена на метар квадратен станбен простор изнесува 56.822 денара, во Карпош 54.369 денари, во Аеродром 51.263 денари, во Кисела Вода 48.138 денари, во Ѓорче Петров 42.035 денари, во Чаир 27.551.000 денар. Во Охрид, пак, е регистрирана просечна годишна цена за метар квадратен од 45.955 денари, по што следат Битола со 29.892 денара, во Куманово 27.545 денари, во Тетово 26.775 денари.

Извештајот на регистарот на цени и закупнини покажува раст од 0,61 процент на бројот на станови под хипотека. На ниво на цела држава од вкупно регистрираните станови 9,89 проценти се наоѓаат под хипотека. – Може да се заклучи и покрај благиот раст дека се уште имаме слабо развиен пазар на хипотеки на недвижности, рече Трпевски.

Според него, понудата на станови на пазарот ја задоволува побарувачката и моментно има доволно залиха на новоизградени станови. Цените на пазарот на недвижности ги оцени како стабилни со благ пад во некои општини како реакција на намалената побарувачка на пазарот. Катастарот во наредниот период очекува натамошен благ пад на цените во услови на зголемена градежна активност и значително намалена побарувачка.

Анализата на Катастарот покажува раст од 120 станови во градба во четвртиот во однос на третиот квартал минатата година. Во четвртиот квартал минатата година имало 2.805 новоизградени непродадени станови, а во тек на градба 8.452 стана на целата територија на државата. Продадени се 362 новоградби, за 284 помалку споредено со третиот квартал.

Трпески посочи дека цената на становите во општина Центар останала стабилна во тек на целата мината година и се движи од 57.502 денара во првиот квартал до 58.620 денари во четвртиот квартал. Стабилна била и цената во општина Карпош каде метар квадратен станбен простор се купувал од 54 до 55 илјади денари. Мал пад на цените на становите е регистриран во општина Аеродром, од 51.915 денари во првиот квартал на 47.522 денара во четвртиот квартал минатата година.