Ласовска: Безбројните ветувања СДСМ да ги покаже сега на дело

Доказ дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ се грижат за граѓаните и нивните потреби е и поднесувањето на предлог-закон за дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште, изјави во неделата пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска.

Според неа, основната и единствена причина за поднесување на овој предлог-закон е поради тоа што голем број граѓани не биле во можност да го остварат своето право за приватизација на неизградено земјиште, а исто така не поднеле ниту пријава за промена на правото на користење во право на сопственост во рокот до 15 јуни 2016 година.

„Затоа, ние пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија сметаме дека со поднесување на предлог на законот за дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште ќе им се помогне на граѓаните кои не поднеле пријава до Катастар до 15 јуни 2016 година да можат да го откупат тоа земјиште во било кое време. Заразлика од претходните измени со кои се пролонгираше рокот за поднесување на барања овојпат со овие дополнувања нема да постои рок до кој треба да се поднесат барања од страна на граѓаните кои сѐ уште немаат поднесено и поведено постапка“, рече претставничката на ВМРО-ДПМНЕ.

Ласовска потсети дека СДСМ во предизборната кампања „се расфрлаше со разно разни ветувања“ дека работат за доброто на граѓаните, и истакан дека поради тоа „сега е моментот“ кога тие ќе можат да се покажат на дело.

„Доколку СДС се однесува и постапува зрело нека го прифати овој предлог за дополнување на законот. Од името на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија бараме и од министерот за финансии да го поддржи овој предлог на закон затоа што така ќе излезе во пресрет на граѓаните, а исто така ќе има приходи во Буџетот на Република Македонија“, додаде Ласовска.

Посочи, пак, дека ВМРО-ДПМНЕ без разлика дали е на власт или во опозиција и натаму ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните и нивните потреби.