Ласовска: СДСМ одновo удира по џебот на граѓаните

СДСМ повторно удира по џебот на граѓаните, се  зголемува цената на водата, што е втор ценовен шок по зголемувањето на акцизата за дизелот од 3,5 денари, така јануари граѓаните плаќаат поскап дизел а наскоро ќе плаќаат и поскапа вода, истакна во петокот Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција,

„СДСМ осум месеци е на власт во Република Македонија, а во државата не е отворена ниту една странска фабрика, државата се задолжи за повеќе од милијарда и 300 милиони евра, а на повидок се нови и покачени даноци, мерките за субвенционирање на вработувањето станаа мисловен поим, а секојдневно имаме масовни отпуштања на луѓе од работа. Додека граѓаните сеуште се справуваат со сиромаштијата и безработица, а стапката на сиромашни граѓани е сеуште висока, СДСМ наместо да ги продолжи успешните политики на ВМРО-ДПМНЕ со цел намалување на невработеноста, своето време го троши на антидржавни договори и неуставни закони“, истакна.

Ласовска посочува дека СДСМ наместо живот, донесе беда.

„Трошоците на живот пораснаа за 1,4 отсто, а цените на мало за 3,2 отсто, што тоа директно влијае на намалување на стандардот. Економијата стагнира, а во третиот квартал растот е само 0,2 отсто, без изглед за приближување до ветените 5 отсто раст. Според статистиката над 450 илјади Македонци се сиромашни. Најголем процент на сиромаштија е кај младите до 17 години и изнесува 30 отсто. Додека кај граѓаните до 65 години сиромаштијата е 21 проценти. Граѓаните сеуште се соочуваат со егзистенцијални проблеми и на државата и е потребен континуитет на успешните мерки за намалување на невработеност, намалување на даноците и привлекување на странски инвестиции. ВМРО-ДПМНЕ 10 години се бореше против сиромаштијата и невработеноста. Невработеноста ја намаливме од 38 отсто на 22,1 отсто, отворивме над 150.000 нови работни места и креиравме добра бизнис клима со што Македонија беше рангирана на 5-то место во Европа, а на 10-то во светот за водење на бизнис“, нагласи Ласовска.

Додаде дека СДСМ не продолжи по успешните патеки од минатото, а државата ја задолжуваат без основ.

„Ништо од ветената плата од 500 евра, ги нема 100.000 денари плата за лекарите специјалисти, ветените 600 километри нов автопат ќе останат само мртво слово на хартија. Владата не само што не отпочна нови инфраструктурни проекти, туку ја кочи и реализацијата на тековните започнати од ВМРО-ДПМНЕ како Демир Капија – Смоквица, Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип. Билансот за економијата од 8 месеци владеење на СДСМ е еднаков на катастрофа. Економијата тоне, граѓаните почнуваат да запаѓаат во сиромаштија, а на власта око не и трепнува. Преговара за името без да ги информира граѓаните за текот на процесот, склучува договор со Бугарија кој има сериозни недостатоци и може да биде подобар и гласа за закон за двојазичност кој е во спротивност со Уставот и не е од полза за граѓаните“, заклучи Ласовска.