Латас: Јанева треба да ја убеди јавноста дека има авторитет и интегритет

Оние кои и ги дале прашањата за интервјуто на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ја потцениле и тоа значи дека таа нема свој став, искоментира уредникот Драган Павловиќ Латас во Отвореното студио на ТВ Нова зборувајќи за првото интервју на Јанева.

-Потценувачки е некому да му се дадат прашањата. Значи дека тој нема свој став. Јас никому не сум му дал прашања. Работата на Катица Јанева е јавна функција, таа не работи во канцеларија и има обврска да даде отчет, смета Латас.

За да ги поткрепи своите аргумени, тој сликовито направи споредба меѓу два настапи – оној на јавниот обвинител и оној на Јанева.

-Ќе споредиме два настапа. Зврлевски доаѓа на опозициска телевизија што не му е наклонета. Тој дава одговори. Од другата страна е СЈО кое да потсетиме не е избрано со конкурс, туку со политичка одлука. Разликата е огромна. Обврска на Јанева е да ја убеди јавноста дека има авторитет и интегритет. До неа излегуваат две девојки, и двете убави, постојано се со нови фризури – тоа е имиџ, гледаме скапи одела, но уште не видовме ниту еден правен процес. Денеска кривичниот суд одби дел од доказите на СЈО зашто не биле комплетни што е „шамар“, истакна Латас.

Тој додаде дека се спаѓа во обврските на јавен функционер.

-Како ќе ме убеди да верувам дека е кадар?  Не е пресудата мерило, пресудата следи за две – три години. Овие две – три години треба да добиеме препорака, како општеството ќе реагира на СЈО, какви последици ќе остави? СЈО не е трајна институција, избрана е со мандат од 4 години. Она што Катица го покажува прв го спомена професорот Калајџиев. Тој го кажа она што денес го говорат други. Јас прв се спротивставив дека зборува пред рака, но човекот бил во право. Вчера ја читам Ванковска. Таа вели –  не може правник да се занимава со право ако не знае да зборува. Тоа не е мал проблем, анализира Латас.