Латас: Кризата која сака да ја создаде СДСМ беше очекувана

Уредникот на ТВ Сител, Драган Павловиќ-Латас рече дека кризата која СДСМ сака да ја создаде беше очекувана и додаде дека во таа партија нема лимит.

Според него, тоа се луѓе со менталитет излезен од комунизмот, констатираше Латас при гостувањето во емисијата „Јади бурек“

Тој вели дека аферата со прислушување постоела уште во 2003-та година.

– Имав судски процес за монтираната афера Шпионажа, каде го тужев тогашниот директор на ДБК, кој вадеше материјали.  Го тужев и весникот  „Време“ и уредникот Чашуле. Го добив случајот. Ми се извинија, го прифатив. Уште од тогаш почна тоа со прислушувањето. Уште тогаш се сомневавме дека постои прислушување ВО МВР, не ОД страна на МВР. Овие прислушувања се правени на криминален начин каде вработени во МВР за пари прислушувале и ги продавале материјалите, рече Латас.

Тој потенцира дека оваа акција не е од вчера и дека тој и неговото семејство биле изложени на закани преку анонимни пораки.

-Околу 2012-та, 2013-та бев многу болен, се лекував во Германија. Кога се вратив назад почнаа кај моето семејство да пристигнуваат анонимни непријатни пораки. Сум имал и закани и се, но никогаш анонимни пораки. Отидов во МВР да побарам асистенција бидејќи ги симнав мејловите и пораките. Поднесов службена белешка. Тие не ми дадоа податоци, бидејќи тоа се дава по барање на суд.  Разговарајќи и гледајќи ги броевите, дознав дека два броја од тие беа на лица од ДБК. Еден од нив е на Ѓорѓи што сега е во притвор. Причината е да се создаде притисок. Нема лимити СДСМ. Во „Вечер“ пред месец ипол-два, опишав политички убиства во време на СДСМ. Таков е менталитетот на луѓето излезени од комунизмот, вели Латас.

Тој потенцира дека гласни разговори за прислушувањето почнале да се водат уште во времето кога Црвенковски си замина од СДСМ, а Заев го замени на функцијата.

-Јас имам пријатели во СДСМ и дознав дека пред изборите, по одењето на Црвенковски, тие имаат премногу меѓу себе разговори дека знаат кој со кого зборел и дека следеле. Тогаш не можевме да претпоставиме дека е дојдено до ваков обем.  Лани почнаа да зачестуваат информациите кој со кого што зборел. Тоа стана пренагласено. Зошто тоа станува топ тема? Почнавме ние неколку луѓе да размислуваме за 2000 та година кога имаше ваква афера.  Тогаш материјалите ни беа дадени од СДСМ. Во тогашниот систем немаше ниту еден број на СДСМ.  Јас прво бев тужител, Мирка втора и натаму уште 17 лица.  Црвенковски ги собра луѓето и им кажа дека има чудо. Ни даде материјали и ни кажаа дека Доста Димовска слушала. Ние ги земавме материјалите и гледаме докази од наши разговори. Гордана Стошиќ и СОРОС ни понудија адвокат бесплатно. Се собравме и потпишавме заедничка тужба која со години се влечеше. Добивме надокнада. Тогаш не гледавме на овој начин.  Ни тогаш немаше ниту еден од СДСМ прислушкуван.  Системот е ист, вели Латас.

Тој потенцира дека летово СДСМ почна да  збори дека пак имаат нешто. Вели дека тие материјали се дојдени до бизнисмени, му ги понудиле на Зоран Заев. Есента Заев отиде кај Груевски и почна со својот рекет, рече Латас!