Македонија

Латвија продолжува со поддршката за Македонија во евро-атлантските интеграции

Латвија продолжува со поддршката за Македонија во евро-атлантските интеграции

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска го прими Едгарс Ринкевичс, министер за надворешни работи на Латвија.

На средбата беа разменети мислења околу развојoт на билатералните односи и соработката меѓу Република Македонија и Латвија, како и за состојбите во врска со членството на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Претседателот Иванов се заблагодари за досегашната активна латвиска поддршка во однос на европската и евроатланската интеграција на Република Македонија, и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина, со цел деблокада на македонските евроатлантски интеграции.

-Почетокот на преговорите ќе помогне да продолжат реформите со поголемо темпо, и да се надминат слабостите нотирани во Извештаjoт на Европската комисија, истакна претседалот Иванов на средбата и притоа ја нагласи потребата од паралелно движење на преговорите со надминувањето на билатералната разлика.

Министерот Ринкевичс, ја истакна подготвеноста на Латвија за натамошна поддршка во однос на евро-атлантските интеграции на Република Македонија, како и за пренесување на латвиските искуства поврзани со регионалната соработка, дополнувајќи дека Латвија останува силен поддржувач на политиката на проширување на ЕУ.

На средбата беше заемно констатирано дека односите меѓу двете земји се традиционално добри и пријателски, со редовен политички дијалог.

Истовремено беше изразена заедничка подготвеност за подинамична секторска соработка, како и за постојано унапредување на договорната рамка меѓу двете земји.