Лавров го повика Тилерсон да го спречи провоцирањето на сириските сили

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го повика американскиот државен секретар Рекс Тилерсон да го спречи провоцирањето на силите на сирискиот претседател Башар ал-Асад во телефонскиот разговор од понеделникот вечерта.

Двајцата дипломати разговарале на иницијатива на Вашингтон, истакна руското министерство за надворешни работи во соопштението.

„Сергеј Лавров го повика Вашингтон да преземе чекори поради спречување на провокациите на сириските владини сили кои изведуваат операции против терористите“, додава руската дипломатија.

Оваа изјава доаѓа откако Израел објави дека во саботата и во неделата ги нападнала позициите на сириската војска поради прелетување на проектили на нејзиниот дел од окупираната Голанска висорамнина. Официјален Дамаск објави дека израелското воздухопловство дејствувало во текот на судирите на владините сили со борците на џихадистичката група Џебхат ан-Нусра, сириското крило на Ал Каеда.

Основна тема на разговорот меѓу Лавров и Тилерсон инаку била „неопходноста од јакнење на примирјето“ во Сирија преку процесот во Астана и за „јакнење на борбата со терористичките групи“ и оневозможување на примената на хемиски агенси, се истакнува во соопштението на Москва.

Русија заедно со Турција и Иран е покровител на меѓусириските мировни преговори кои се водат во азербејџанската престолнина Астана, а новиот круг од преговорите е предвиден за 4 и 5 јули. Администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама ги одби поканите да се приклучи на процесот од Астана, но администрацијата на неговиот наследник на должноста Доналд Трамп прифати нејзини претставници да присуствуваат во својство на набљудувачи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.