Свет

Лавров: Москва не разгледува критериуми за укинување на западните санкции

Лавров: Москва не разгледува критериуми за укинување на западните санкции
Лавров: Сакам да слушнам што ќе кажат Турците

Москва нема да разгледува никакви критериуми кои би требало да ги исполни за укинување на западните санкции, изјави денеска шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, пренесе МИА.

– Ние не воведовме санкции. Ние не ја придвиживме спиралата на санкции која се шири. Ни навестуваа (…) некои колеги, ајде да ги усогласиме критериумите, вие исполнете ги тие критериуми па ќе ги укиниме санкциите. Ние тоа нема да го разгледуваме, истакна Лавров по средбата со летонскиот колега Едгард Ринкевичс во Москва.

Лавров потенцира дека санкциите се апсолутно нелегитимни и контрапродуктивни мерки кои сите ги погодуваат, вклучително и Русија, но таа од ситуацијата ќе излезе „дури, како што мислам, во плус“.

– Нашите европски партнери, кои чувствуваат негативно влијание од санкциите сами да заклучат, посочи Лавров.

Ринкевичс истакна дека Европската унија сериозно го разгледува прашањето за укинување на санкциите кон Русија ако има реален напредок во решавањето на кризата во Украина.

Лавров по средбата изјави дека Москва има информација дека украинските безбеднонси сили подготвуваат нов обид за насилно решавање на кризата, што би „било катастрофа“.

– Конфликтот во Украина не може да биде решен со воени средства, наведе Лавров додавајќи дека очекува странските партнери да влијаат врз Киев и таквите обиди да бидат спречени.

Рускиот министер за надворешни работи истакна дека со исполнување на договорот треба да се вклучат страните од судирот – украинските власти и претставниците на Доњецката и Луганската Област, а за Москва е најважно начелото почеток на директен национален дијалог за уставни реформи во Украина.