Лавров: НАТО е „институција на Студената војна“, Русија сака прагматични односи со САД

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска на Безбедносната конференција во Минхен го опиша НАТО како „институција на Студената војна“, чие ширење водело кон тензии без преседан во Европа во изминатите 30 години.

Тој во своето обраќање пред учесниците на конференцијата истакнал дека „завршил поредокот воспоставен по Студената војна“.

– Русија сака да гради прагматични односи со САД, засновани врз меѓусебно почитување, изјави Лавров, додавајќи дека не гледа „никакви факти во обвинувањата дека Русија извршила хакерски напад врз американската Демократска партија“.

Тој нагласи и дека неговата земја „не се согласува со оние кои ја обвинуваат Москва за обиди за поткопување на светскиот либерален поредок“. Лавров во својот говор, исто така, побара од Киев и проруските сили во Украина да водат дијалог.

Американскиот потпретседател Мајк Пенс на собирот во Минхен порача дека новата администрација на САД ќе го поддржи НАТО и ќе застане покрај Европа, а истовремено бара и нови начини за соработка со Русија, но продолжува да ја повикува Москва на одговорност во врска со украинската криза.

Во првото важно надворешнополитичко обраќање во име на администрацијата на Трамп, Пенс ги предупреди сојузниците во НАТО дека мора да дадат правичен придонес за да ја поддржат Алијансата, нагласувајќи дека „многумина не се на јасен или убедлив пат“ кон таа цел.

Исто така, тој истакна дека Русија мора да ги почитува мировните преговори од Минск и да го намали насилството во источниот дел на Украина.