Лавров: Русија не го менува ставoт кон Косово

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров,  изјави дека Русија нема да го менува својот став кон Косово без разлика на тоа што се случи во Крим, истакнувајќи дека апсурдни се обидите на оние кои го режираа одвојувањето на Косово од Србија да ја стават под сомнеж слободно изразената волја на населението од Крим, јави Танјуг.

-Очигледно апсурдни се обидите на оние кои го режираа одвојувањето на Косово од Србија, а при тоа без никаков референдум, да се стави под сомнеж слободно изразената волја на жителите на Крим. Ставот на Русија кон косовското прашање е апсолутно јасен и непроменлив: регулирање на овој проблем е можно исклучиво врз основа на меѓународното право и во рамките одредени во резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, нагласи Лавров во интервју за денешна „Политика“.

Лавров, кој  допатува во посета на Белград, кажа дека, што се однесува на  напорот на Белград во овој правец, за Русија се прифатливи оние одлуки кои ќе ја задоволат Србија и дека на српските партнери и натаму ќе им ја даваат неопходната поддршка.

Шефот на руската дипломатија потсети дека неговата земја предупредувала дека воведувањето во меѓународна употреба на моделот на прогласување независност на одредени територии ќе создаде преседан и притоа повеќе пати потенцира дека во последно време западната Алијанса, предводена од САД, широко ги користи двојните аршини, ги прекршува темелните начела на меѓународното право и безочно директно се меша во внатрешните работи на суверените држави.

Тој кажа и дека населението во Крим, во целосна согласност со одредбите од меѓународното право, на референдум се изјасни за прогласување независност од Украина и за обединување со Русија.