Лавров: Русија нема да дозволи нова „студена војна“

Москва ќе направи се што е во нејзина моќ за надминување на кризата во Украина и нема да дозволи нова „студена војна“, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

Ситуацијата во Источна Украина е тензична, вчера Киев изјави дека руски војници нападнале припадници на украинската армија.

Лавров тврди дека нема никакви докази дека руски војници и оружје влегле во Источна Украина.

– Проруските сепаратисти држат поголема територија од предвидената со договорот за примирје, но Русија доби уверувања од нив, дека тие ќе се повлечат во договорените линии, посочи Лавров.

Тој наведе дека ситуацијата во Украина предизвикала „заострување на низа проблематични проблеми“ во односите меѓу Русија и Европската унија. Лавров додаде дека е „неопходно да се води дијалог врз рамноправна основа и взаемно почитување“.

Рускиот министер за надворешни работи ги повика и САД да го обноват конструктивното заемно дејствување врз основа на взаемните интереси.

– Односите меѓу Москва и Вашингтон во 2014 година сериозно се заострија. Ги повикуваме кон конструктивно взаемно дејствување како во билатералните односи така и на меѓународната сцена. Но, дијалогот е возможен само врз рамноправна основа и почитување на взаемните интереси, потенцира Лавров.

Тој истакна дека и НАТО донесе политичко решение за прекин на воената и цивилната соработка со Русија, но оти Москва нема да дозволи нова „студена војна“.

Лавров наведе дека Западот не може да ја изолира Русија.

– Таквите обиди не дадоа резултат. Претседателот на Русија, Владимир Путин потенцира дека Русија никогаш нема да тргне по патот на самоизолација, посочи Лавров.