Лавров: Русија нема никаква желба да продолжи војната со санкциите

Русија нема никаква желба да продолжи војната со санкциите, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за рускиот Петти телевизиски канал.

– Не сме заинтересирани ваквата состојба да трае до бескрај. Ние немаме никаква желба да ја продолжиме војната на санкциите, размената на удари. Нема да продолжиме да воведуваме санкции само за да нервираме некого, како што се случува со нашите партнери кои преземаат такви мерки спрема нас. Како што изјави рускиот претседател, ние ќе се фокусираме на заштита на нашите економски и други интереси, изјави Лавров.

Во интервјуто Лавров додаде дека Путин поднел иницијатива за помош на Украинците за решавање на воено-политичката криза во нивната држава.

Тој додаде дека одлуката донесена од ЕУ и Украина да не влегува во сила до крајот на 2015 година Договорот за асоцијација на Украина во оние делови кои се ризик за руската економија, е истото за кое се залагал и Виктор Јанукович кој сакал да се одложи потпишувањето на договорот во ноември 2013 година.

– Сега добивме ист резултат 10 месеци подоцна, но со огромна цена на човечки животи, изјави Лавров. Русија според него, не чувствува никаква изолација, но не сака да се откаже од соработка со Европа и САД.