Лавров: Русија сака подобри односи со САД, но Бајден е за санкции

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров денеска изјави дека Русија сака да ги подобри односите со САД но потенцира дека не може да го стори тоа се додека Администрацијата на Обама ги поддржува економските санкции против Москва.

– Се додека потпретседателот на Обама, Џо Бајден оди по Европа и препорачува продолжување на санкциите против нас, не земајќи го предвид однесувањето на Киев под притисок на Западот, нема да можеме да постигнеме каков било договор, рече Лавров во интервју за италијанскиот весник „Република“.

Лавров нагласи дека комбинираните руски, американски и арапски сили во Сирија се доволни за да ја поразат Исламска држава, но напомена дека не е можно да се формира коалиција доколку не се постигне договор за иднината на сирискиот претседател Башар ал Асад.

– Доколку партнерите во потенцијалната коалиција продолжат да бараат да се одреди датумот на заминувањето на Асад од сцената, ќе одговориме дека тоа е против законот и демократијата, рече Лавров.

Тој изјави дека не знае каде е лидерот на ИД Абу Бакр ал Багдади, но додаде дека има информации оти територистичката организација почнала да се инфилтрира во војската на Либија.

Лавров оцени дека одлуката на Западот да го острани од власт либискиот лидер Моамер Гафдафи била грешка, но напомена дека Русија го поддржува планот на ОН за повторно воспоставување на стабилноста во Либија.

САД и ЕУ воведоа санкции против Русија по анектирањето на Крим од страна на Москва минатата година. Тие исто така ја обвинуваат Москва дека ги поддржува проруските сепаратисти во источна Украина.

Лавров и рускиот претседател Владимир Путин следната недела ќе разговараат за судирите во Украина и Сирија со американскиот државен секретар Џон Кери.

Претходно в петок во Женева е планиран состанок на претставници на Русија, САД и ОН за Сирија и борбата против ИД во таа земја.