Лавров: За „Јужен тек“ ќе се земат предвид интересите на Србија

Во рамки на идните проекти за изградба на гасоводи од Русија во Европа ќе се земат предвид интересите на Србија, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, по средбата со министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ, јави ТАСС, пренесува Нетпрес.

– Разговаравме за соработката на полето на економијата. Во рамки на дискусијата стана збор и за преносот и за испораката на гас од Русија во Европа, вклучително и за интересот на Србија од имплементацијата на проектите кои би опфатиле нова рута за испорака на гас во Европа. Исто така разговаравме и за ситуацијата со проектот „Јужен тек“. Сигурен сум дека сите понатамошни одлуки кои ќе се носат во овие нови услови ќе ги задоволат интересите на Србија, рече Лавров.

Инаку рускиот претседател Владимир Путин, во својата неколкучасовна прес-конференција во четвртокот, ги посочи Македонија и Грција како можни алтернативи на Бугарија, за проектот за транспорт на гас до Европа.

– Одлуката главно ќе зависи од нашите европски партнери. Дали сакаат стабилно, загарантирано и апсолутно транспарентно снабдување со енергенси од Русија, кои им се апсолутно неопходни, и тоа без ризици при транспорот. Ако сакаат, одлично! Можеме да почнеме да работиме на гасовод до Македонија, преку Грција, кој ќе продолжува кон Србија и ќе оди до Баумгартен во Австрија. Ако не го сакаат, тогаш нема да го градиме. Но, факт е дека нема поевтин и посигурен снабдувач од Русија, и во блиска иднина нема ниту да има, изјави Путин на прашањето како понатаму ќе се развиваат руските проекти за извоз на природен гас.

Русија неодамна се откажа од проектот за изградба на Јужен поток, гасоводот кој требаше да спроведе руски гас преку Црно Море, Бугарија, Србија и Унгарија до Австрија, заобиколувајќи ја Украина. Новата руска најава е за изградба на гасовод под Црното Море до Турција, со тоа што опциите за транспорт на гасот до Европа дополнително би се утврдиле.