Лазаров и Барса на подготовки за новата сезона

Во понеделник ракометарите на Барселона ќе ги започнат подготовките за новата сезона 2014/15, во која ќе бранат пет трофеи освоени од минатата сезона, а и ќе се обидат да ја освојат Лигата на шампионите, која за влакно им бега од рацете во последните две сезони. Ракометарите полека пристигнуваат во Каталонија овој викенд, а нашиот Кирил Лазаров веќе е во Барселона и имаше можност да се запознае со новата опрема на Барселона, која ќе претрпи мали измени за разлика од минатата сезона.

Првиот дрес останува во типичен „блауграна„ стил со црвено-сини бои, како и што е заштитниот знак на клубот. Резервната комбинација наместо минатогодишната жолто-црвена комбинација, сега ќе биде комплетно портокалова. В понеделник на прозивката на Пасквал ќе се појават три нови имиња: Гонзало, Сигурдсон и Жазел. Барса ја напуштија Страновски, Штербик и Хуанин Гарсија.