Лазаров и со дванаесет погодоци е недостоен за “најдобрите седум” за ова коло во ЛШ

Репрезентативецот на Македонија, Кире Лазаров игра одлични партии во Лигата на шампионите, а доказ за тоа е лидерската позиција помеѓу стрелците во елитното натпреварување.

На натпреварот кој Барселона го одигра против Алингсас, Лазаров постигна дури 12 погодоци, што всушност претставува и рекорд на постигнати погодоци од еден играч на натпревар од ЛШ сезонава, но и покрај оваа симултанка нашиот репрезентативен бек беше “изигнориран” при изборот за најдобрите “седум” за ова коло во ЛШ.

На позицијата десен бек беше избран Штефан Вајнхолд, кој иако одигра одличен меч против Загреб и беше најзаслужен што Кил триумфираше над шампионот на Хрватска, сепак Лазаров е морален член на најдобрата седморка за ова коло. Очигледно ЕХФ со НЕизборот сака да го мотивира Кире да продолжи со уште подобри игри, да стигне и до бројката од 20 погодоци на еден натпревар, па којзнае, можеби тогаш ќе заслужи место во овој “величествен” избор на “објективната” Европска ракометна федерација.

Како и да е, кога станува збор за германскиот ракомет, политиката на ЕХФ е одамна позната, па така и не зачудуваат овие потези и избори на европската куќа на ракометот.

Што се однесува до останатите кои беа избрани во најдобрите “седум”, свое место добија Мануел Линингер (Шафхаузен), Дмитри Житников (Чеховски Медведи), Денис Рутенка (Брест Мешков), Томас Могенсен (Фленсбург), Толга Озбахар (Бешикташ) и Гуруц Агинагалде (Ла Риоха).