Лазаров: Немаме страв од никого, верувам во своите соиграчи

Капитенот на машката репрезентација Кирил Лазаров најави дека ракометарите на СП во Катар во моментов се најдобро физички подготвени од било кога досега, што треба да придонесе за голема борбеност. Тимот не се плаши од никого, и се зависи токму од самите нив, и играта што самите ќе ја прикажат.

Со оглед на тоа што првиот меч се игра со Тунис (утре во 15 часот), најмногу време беше посветено токму на анализата на тој противник. Ривал има свои добри страни, но и мани, а капитенот не се плаши од нив.

“Не нѐ плаши ништо, треба да мислиме само на себе, ако го испочитуваме она што го работиме овие 25 дена, а јас верувам во своите соиграчи, не треба да се плашиме од никого. Знаеме дека се работи за африканска земја, играат на граница на инцидент, очекувам да има многу исклучувања. Имаме доста играчи што се спремни да влезат во дуел. Имаме искуство со играњето со Тунис, тоа се стари и искусни играчи. Играат или играле во топ-15 клуба во Европа. Ниту тие можат нас, ниту ние нив да ги изненадиме. Потребен е максимален фокус, максимална борбеност. Физички сме добро спремни, можеби најдобро од моето лично искуство што го имам со репрезентација, од минатите ЕП и СП. Ни остануваат уште 24 часа до мечот и се надевам на борбеност, па среќата да нѐ послужи”.

Како најдобар поединец во репрезентацијата, играч што сите го посакуваат во своите редови, Лазаров вели дека ривалот утре уште во првите 10 минути од натпреварот ќе покаже какви му се намерите, и колку грубо ќе игра.

“Ние сме искусна репрезентација. Во првите 10 минути ќе се види која е нивната тактика. Ако почнат да излегуваат агресивно на нашите најдобри играчи, тоа ќе треба да го искористат другите. Не можеме да претпоставиме како ќе играат. Тие имаат добар тренер, кој потекнува од југословенската ракометна школа. Треба да бидеме подготвени на сѐ. Очекуваме агресивна игра, на која ќе треба да парираме со памет и интелегенција”
, смета Лазаров.

Извор: спортмедиа.мк