Лазаров: Оваа репрезентација може и на Олимпијада

Ако до пред некое време успех ќе беше и самиот пласман на едно Светско првенство, сега апетитите на ракометарите, а и на целата македонска јавност драстично се зголемија.

Со оглед на успесите на оваа генерација, како на тимски така и на репрезентативен план, овие амбиции за што повисок пласман се сосема очекувани.

Македонската репрезентација повеќе не се задоволува со една победа и евентуално некој нерешен резултат, овојпат нашите момци ќе целат на највисок пласман на СП, а секако тоа само по себе ќе им донесе и квалификации преку кој ќе можат да си го остварат сонот, пласман на Олимпијада.

За тоа да се случи, голема улога ќе играат и условите во кои репрезентацијата ќе се подготвува.

“Како што знаете, на почетокот на јануари не очекува СП во Катар. Од аспект на федерација можам да кажам дека за нас ова е голем предизвик бидејќи станува збор за шампионат на друг континент, земја што масовно инвестира во спортот. Очекуваме ова да биде организациски различно од се што било претходно, па превзедовме и одредени мерки за репрезентацијата порано да отпатува за Катар и таму да има доволно време за адаптација” , изјави претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.

rakomet 2

Никој во репрезентацијата не е помалку битен, но сепак сите очи се вперени во капитенот Кире Лазаров, нашето главно оружје во нападот кон тие први седум позиции.

“Влогот е голем, ние сме свесни за тоа, лично верувам во моите колеги и верувам дека со заедничка соработка како никогаш досега ќе ги одработиме овие подготовки за да акумулираме доволно енергија бидејќи ќе ни претстои исклучително тешко првенство. Сите селекции стартуваат со исти амбиции, така да треба да се фатиме за работа и да ја оствариме нашата примарна цел, пласман на олимписки квалификации. Јас лично верувам во оваа репрезентација, ние веќе ја имаме основата, но за да направиме уште подобар резултат треба максимално да се подготвиме” , истакна Кире Лазаров.

Ракометарите тренираат веќе петти ден, а подготовките барем засега се одвиваат во одлична атмосфера.