Лазаров: Потфрливме, но имавме мотивираност и желба

Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров во изјава за МРТ по денешниот натпревар против Белорусија вели дека посакувале победа, но признава дека потфрлиле.

Жал ми е што не успеавме да славиме ниту еднаш. Договорот беше денес да славиме за Македонија и нашите навивачи. Треба да се преспие, да се анализираат многу работи. Не чека историска шанса која треба да ја искористиме. Завршуваме со 4 порази и две нерешени резултати. Во текот на годината имавме повеќе собири. Потфрливме – нема бегање од вистината. Размислував и пред натпреварот дека победата ќе беше добра маска која нас Македонците ќе не понесеше и ќе маскиравме некои работи. Имавме мотивираност и желба, што се однесува до нас, имаше одлична атмосфера, рече Лазаров.

Тој повтори дека желба, страст и мотивација постоеше во тимот, а дека со победа нешто ќе замаскиравме.

Непотребно се потрошив мотивирајќи. Јас на терен го давам максимумот, од трибините изгледа друго. За два месеци имаме историска шанса за која се изборивме. Треба да се собереме сите, да размислуваме како едно. Ова не е успешен настап. Пред почетокот на првенството не ги поставивме јасно целите. Играјќи го ова првенство мислевме на квалификациите, но немавме јасна цел. Ако ни беше целта да поминеме прв круг, сме ја оствариле, ако беше нешто повеќе-не, заклучи Лазаров.