Лазаров: Се чувствува пулсот на целата нација

Во пресрет на најважниот меч на шампионатот, Кирил Лазаров го посетија новинарите од официјалната веб страна на неговиот клуб, Барселона, која дава огромен број на репрезентативци во Катар. Затоа и седмата сила постојано ги следи репрезентантите на првакот на Шпанија. Македонецот направи паралела меѓу клубот и репрезентацијата и потенцира дека има многу разлики и заеднички страни. Но на двете места исто е што Лазаров немилосрдно ги тресе противничките мрежи:

„Има разлика меѓу Македонија и Барселона. Во нашата репрезентација има квалитет и го надградуваме за време на мундијалот. Во Барса е полесно бидејќи има повеќе квалитет и повеќе инвидуалци. Уживам во улогата капитен на македонската репрезентација. Таа улога ми носи повеќе работа и одговорност. Цела нација очекува големи нешта од нас. Работиме секој ден за да имаме подобра атмосфера во екипата. Дојдовме тука со голема цел и мислам дека да се биде во четвртфиналето е голема работа. Ќе се обидеме да стигнеме таму. Во Македонија кога игра репрезентацијата се чувствува пулсот на целата нација. Ми се допаѓа кога постигнувам голови, но кога имаш добри соиграчи тогаш е многу полесно. Во текот на целата моја кариера се среќавам со соиграчите од клубот на турнирите на националните репрезентации. Веќе се навикнав. Но кога ќе започне натпреварот, се се заборава„ истакна Лазаров.