Лазаров: За да се освои титулата во ЛШ мора да се одиграат два перфектни натпревари

Најдобриот македонски ракометар Кире Лазаров, има голема можност да се закити со титулата во Лигата на шампионите, откако со својата Барселона се пласира на фајнл форот во Келн ( 31 мај – 1 јуни).

Ова беше најголемата причина да даде интервју за официјалната интернет страница на турнирот. Лазаров во интервјуто се потсети на претходните искуства од завршните турнири во ЛШ, но и ги откри и очекувањата од претстојниот фајналфор во Келн. Тој со претходниот тим Атлетико ( Мадрид) стигна до финалето на ЛШ, но тогаш беше поразен од Кил.

“Досега два пати бев дел од фајнл фор турнирите и тие искуства ќе ми помогнат да бидам уште подобар годинава. Пресреќен сум што повторно ќе дојдам во Келн. Во полуфиналето ќе ограме против Фленсбург и тоа не е предност за нас Сите германски екипи имаат добри шутери и мислам дека немаме посебна предност, бидејќи двата тима се подеднакво силни во сите аспекти на играта. Имам огромна почит за Фленсбург, во последните две-три години овој тим константно ги покажува врвните квалитетни во сите натпреварувања во кои учествува”, изјави Лазаров.

Барселона многу тешко го помина четвртфиналето против Р. Н. Ловен, а според капитенот на македонската ракометна репрезентација воопшто не е добро што се игра само еден полуфинален натпревар.

“Сакам да играм два натпревари, бидејќи благодарение на ваквиот систем на натпреварување стигнавме на Ф4. Да се игра еден меч во Германија против германски ривал знае да биде многу тешко, тоа претставува голема предност за нашиот противник. Згора на тоа, треба да имате два перфектни дена во низа за да го кренете пехарот, додаде Кире.

Во интервјуто Кире беше запрашан и од каде доаѓа најголемата сила на Барселона. “Едноставно, тимот, имаме врвни ракометари со огромно искуство. Играме многу добро во текот на целата сезона, но мислам дека се уште не сме заиграле перфектно, да го покажеме сиот свој потенцијал. Сепак, за да се биде успешен на фајнл фор турнирот, треба да се одиграат две перфектни средби. Не ми е гајле за моите голови, најважен од се е тимот. Лично се чувствувам почестен што одново ќе бидам во Келн, ќе работам напорно и ќе настојувам да играм најдобро што знам на секој меч. Не размислувам за бројот на постигнати голови, заврши Лазаров.