Македонија,Крими хроника

Лажел дека работи во УЈП и земал поткуп 3.500 евра

Лажел дека работи во УЈП и земал поткуп 3.500 евра

Дваесет и седумгодишниот Д.Т. од Скопје доби кривична пријава за сторено кривично дело – “измама“.

По извршена инспекциска контрола во правно лице со седиште во Тетово, сопственост и управувано од оштетениот му била пресметана даночна обврска по основ на неплатен ДДВ и персонален данок во вкупен износ од 8.700.000 денари и со Решение било задолжено предметното правно лице да ја плати даночната обврска.

Притоа, оштетениот до УЈП – Тетово поднел барање за одложено плаќање на даночен долг и во периодот додека се одлучувало по поднесеното барање, тој на непознат начин дошол до информации во врска со гореизнесеното по што на почетокот на минатиот месец телефонски го исконтактирал оштетениот.

Пријавениот му се претставил дека наводно е вработен на висока позиција во Управа за јавни приходи Скопје при Министерство за финансии и побарал да остварат средба за да се договорат околу исплатата на долгот во однос на поднесеното барање од негова страна.

Наредниот ден, оствариле средба во угостителски објект во Скопје каде пријавениот Д.Т. на оштетениот му кажал дека е испратен од неговиот „шеф“ за да му каже дека сакаат да му помогнат, односно да му овозможат остатокот од основниот долг да го исплати на 48 рати (на сума од 7.200.000 денари) и да му овозможат отпис на долгот по основ на камата (1.500.000 денари). За наводната „услуга“ пријавениот побарал од оштетениот да му исплати износ од 3.000 евра.

Два дена подоцна оштетениот повторно се сретнал со пријавениот и му кажал дека обезбедил 1.500 евра, при што пријавениот ги земал истите, а за останатите 1.500 евра побарал да му бидат дадени на деветти јануари.

Откако на посоечниот датум  повторно се сретнале во угостителски објект во Скопје, пријавениот ги земал останатите 1.500 евра од оштетениот и му кажал дека за кратко време ќе му го донесе и предаде изготвеното Решение. Во наредниот период пријавениот комуницирал со оштетениот преку СМС пораки и го одржувал во заблуда, ветувајки му дека ќе му ја заврши договорената работа и на 27. јануари пријавениот повторно преку СМС порака од оштетениот побарал дополнително да му исплати уште 30.000 денари. По добиената порака оштетениот се посомневал и настанот го пријавил во полиција.

Од страна на оштетениот се одземени 30 банкноти во апоени од по 1.000 денари кои биле криминалистичко-технички обработени и на 31. Минатиот месец на договорена средба се сретнале пријавениот и оштетениот во кафе-бар во Скопје при што пријавениот ги примил  парите и на оштетениот му кажал дека на 02. овој месец ќе биде повикан во УЈП за да му биде врачено Решението.

При излегување пријавениот е уапсен и кај биле пронајдени парите. Од пријавениот е одземен мобилен телефон и сим– картичка, а извршен е и претрес на неговиот дом, но не се пронајдени траги и предмети од кривично дело.

По извршената проверка утврдено е дека Д.Т. е невработено лице. Исто така во изминатиот период против Д.Т. се поднесени кривични пријави за сторени кривични дела “насилство“, “затајување“, “загрозување на безбедноста на сообраќајот“ и “измама“.