Македонија

Лажна тревога, клиничкиот објективен наод кај пациентите од Гостивар не покажа знаци за контакт со хемиска супстанца

Лажна тревога, клиничкиот објективен наод кај пациентите од Гостивар не покажа знаци за контакт со хемиска супстанца

Кај пациентите од Гостивар, кои во петокот беа примени на Клиниката за токсикологија, жалејќи се на субјективни потешкотии, односно печење на очите, гребење на грлото, отежнато дишење, вознемиреност и страв, клиничките објективни наоди не покажаа знаци за контакт со хемиски супстанци.

„При приемот во болница, пациентите се жалеа на субјективни потешкотии. Направениот клинички преглед, клиничките и лабораториските иследувања, вклучувајки ги и направените токлсиколошки иследувања, се негативни или во рамките на утврдените референтни вредности. Потенцирам дека објективниот клинички преглед, клиничките, лабораториските и токсиколошките иследувања не покажаа индиции за постоење на штетно дејство на хемиска супстанца“, изјави директорот на токсикологија, Андон Чибишев.

Чибишев не сакаше да шпекулира од каде пациентите ги имале тие симптоми за кои се пожалиле при приемот на Токсикологија и изјави дека доколку имало труење со гас или контакт и дејство на отровна супстанца, лабораторијата на Институтиот на судска медицина, која што е современа и софистицирана ќе го покажела тоа. Сите пациенти и покрај инсистирањето на лекарите да останат во болница се додека не бидат готови резултатитете, своеволно и етапно ја напупштале болницата.

Да потсетиме, на 14 февруари во неколку наврати од 19.45 часот до 21.30 часот на Клиниката за токсикологија беа примени и хоспитализирани 16 пациенти, од кои 10 беа ученици на возраст од 18 години и шест беа вработени од училиштето. Сите пациенти беа од Средното економско училиште во Гостивар.