Свет

притисок на погрешно копче предизвика паника Лажна тревога на Хаваи за ракетен напад

Лажна тревога на Хаваи за ракетен напад

Американската воена команда за Пацификот објави во саботата дека немало ракетна закана за Хаваи, откако тамошните жители примиле по грешка испратена порака на нивните мобилни телефони за непосреден напад.

Претходно на населението на Хаваи по грешка им била огласена тревога поради ракетен напад и упатен им е апел веднаш да побараат засолниште.

Повеќе лица, меѓу нив и пратеничката од Демократската партија, Тулси Габард, објавија на социјалните мрежи фотографија и текст во кој велат дека преку системот Amber Alert, кој е во надлежноста на американското министерство за правосудство, примиле предупредување за закана од ракетен напад.

„ЗАКАНА ОД БАЛИСТИЧКИ ПРОЕКТИЛ НА ХАВАИ. ВЕДНАШ ПОБАРАЈТЕ ЗАСОЛНИШТЕ. ОВА НЕ Е ВЕЖБА“, гласела пораката на паметните телефони којашто жителите на островот ја примиле во саботата околу 8 часот по локално време, или 19 часот по средноевропско време.

Портпаролот на американската воена команда за Пацифик изјавил дека „не е утврдена никаква закана од балистички проектил на Хаваи“. Американската сојузна комисија за комуникации истовремено објави дека отворила истрага.

Инцидентот доаѓа во периодот на зголемите тензии поради севернокорејските програми за развој на нуклеарното и ракетно вооружување, при што се смета дека Пјонгјанг успеал да дојде до интерконтинентален балистички проектил кој може да понесе нуклеарна боева глава и да погоди кој и да е дел од американската територија.

Лажната тревога пристигнала од Агенцијата за управување со вонредни ситуации. Телевизиската мрежа CNN ја пренесе изјавата на гувернерот на Хаваи, Дејвид Иги дека еден од вработените притиснал погрешно копче. Агенцијата потоа на Twitter го објави известувањето „НЕМА ракетна закана за Хаваи“.