ЛДП му го сврте грбот на Заев

Пратениците од Либерално демократската партија (ЛДП) вечерва му го свртеа грбот на Зоран Заев и СДСМ откако не гласаа за измените на пржинските закони договорени меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Собранието на Република Македонија во рамки на 113. Седница вечерва ги изгласа измените и дополнувања на Законот за внатрешни работи, на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на Законот за кривична постапка, на Изборниот законик и на Законот за Влада, сите по скратена постапка.

Овие законски измени беа договорени од страна на претставниците на политичките партии потписници на Договорот од Пржино во насока на подготовка на одржување предвремени парламентарни избори и излез од политичката криза.

Предлагачи на законите беа координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ Илија Димовски и Горан Сугарески, заменик -координаторот на пратеничката група на ДПА Беким Фазлиу и пратеникот Артан Груби од ДУИ.

Пратениците на ЛДП Горан Милевски и Дуфе Кукоски не гласаа за измените на пржинските закони договорени меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и му го свртија грбот на Зоран Заев.   Прашањето кое сега се поставува во јавноста е дали се распаѓа коалицијата на СДСМ, имајќи го во предвид раздорот во опозициските коалициски редови.

Инаку, ваквиот потег на ЛДП следи отккао партијата во соопштение до медиумите веднаш по постигнувањето на договорот на 20-ти јули изрази загриженост од „недореченостите и нелогичностите во новиот договор што вчго постигнаа преговарачите на четирите политички партии, потписнички на Договорот од Пржино“.