Марин ле Пен пред суд поради поттикнување на расна омраза

Лидерката на крајната десница во Франција Национален фронт, Марин ле Пен треба во октомври да се појави пред суд, за обвиненијата за поттикнување на расна омраза откако пред пет години ги спореди муслиманските улични молитви со нацистичката окупација, соопштуваат извори од француското правосудство.

Марин ле Пен вчера за Франс прес најави дека има намера да присуствува на судењето, пренесува Танјуг.

Спорната споредба Ле Пен ја направи во декември 2010-та година во моментот кога се бореше да го преземе раководењето со партијата на нејзиниот татко, жалејќи се дека во Фрнација постојат 10 до 15 места на кои муслиманите се молат на улиците пред џамиите кога тие се полни.

Тоа е окупација на делот од териориторијата, на предградијата каде се применува верскиот закон. Точно дека нема оклопни возила ниту војници, но сепак тоа е окупација и влијае на жителите, изјави таа тогаш пред собраните.

По тие коментари, што предизвикаа гнев во Франција, против Ле Пен е отпочната истрага поради поттикнување расна омраза, која беше заклучена без резултати, потсетува француската агенција.

Меѓутоа, тужбата на едно здружение доведе до придвижување на правосудната истрага во јануари 2012-та година, а Ле Пен беше обвинета во јули 2014-тата по што остана без имунитетот што го уживаше како член на Европскиот парламент, по гласањето што го бараа француските власти.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.