Легализација на канабисот за медицински цели пред пратениците

Собранието на РМ во попладневниот дел од 91-вата седница го прифати во прво читање Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, со кој ќе се легализира употребата на канабисот (конопот) и негови екстракти само за медицински цели и под строг надзор и контрола од стручни лица.

Заменик-министерор за здравство Јовица Андовски рече дека со овој чекор се следи развојниот тренд во ЕУ каде до октомври 2015 вкупно 13 земји овозможиле употреба на препарати на база на коноп за медицински цели. Целта на донесувањето на законот, рече тој, е на пациентите да им се овозможи достапност до овие производи со  строго контролиран состав и квалитет.

– Канабисот може да им помогне на илјаднци луѓе, да го подобри нивното здравје и квалитет на живот, со надеж за постигнување на основната цел – лекување, продолжување на животот и подобрување на квалитетот на живот на овие луѓе. Важно е да се нагласи дека употребата на канабис за медицински цели во никој случај не смее да претставува само лекување, туку лекување со медицинска препорака, под медицински надзор и нема да претставува замена на конвенционалната медицинска терапија, истакна Андовски образложувајќи го предлогот.

Со законот ќе се регулира одгледувањето, преработката и прометот на препаратите на база на коноп. Покрај одгледувањето, ќе се регулира и процесот на производство на масло од суровина. Откако ќе биде донесен законот, ќе биде утврден правилник за регулирање на условите за простор, опрема и кадар  за добивање екстракти од ова растение. Со правилник ќе биде прецизно наведено и кои лекари-специјалисти и за кои индикации може да  пропишат ваква терапија и во која максимална доза може да се издава месечна терапија. Издавањето на препаратите ќе се евидентира во секоја од аптеките.

Пратениците од владејачкото мнозинство и од опозицијата го поздравија предлогот за донесување на законот, посочувајќи дека има резултати од корисно дејство на екстрактите од растението во лекување на одредени болести, и дека тоа го потврдуваат бројни истражувања. Укажаа дека употребата треба да биде контролирана и исклучиво во медицински цели.

Лилјана Поповска од ДОМ имаше забелешки во самиот закон, пренесувајќи ги и забелешките на невладината организација ХОПС – Опции за здрав живот. – Нема да се исполни основната цел на овој закон – канабисот во медицински цели да биде достапен на сите на кои им треба за лекување, рече Поповска.

Таа смета дека канабисот и неговите деривати ќе бидат прескапи за поголем број луѓе зашто се очекува само две до четири фирми во Македонија да имаат ексклузивно право за оваа дејност, а со тоа ќе има монопол врз производството. Според Поповска,  направена е и строга контрола за третманот во однос кој може да  го пропишува дури, рече таа, построга и од третманот на афионот и неговиот дериват – морфиумот. Забелешка има и во тоа што се ограничува листата на болести за кои може да се пропише канабисот. Најсериозна забелешка е што се загрозуваат правата на лицата-зависници и законот, рече таа, дополнително  ја криминализира личната употреба на канабисот.

Собранието попладнево го поддржа во прво читање и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување на делови од човечко тело заради лекување. Без расправа, поддршка во прва фаза добија уште неколку предлог-закони од областа на здравството: за санитарна и здравствена инспекција; за хемикалии; за јавно здравје; за заштита од јонизирачко зрачење и радијациска сигурност; за биомедицинско потпомогнато оплодување; за здравствено осигурување, за здравствена заштита; за заштита на населението од заразни болести.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.