Легализирани 66 отсто од дивоградбите во Општина Илинден

Од 6.150 пристигнати барања за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, легализирани се вкупно 4.060 предмети, односно 66 проценти или, две третини од поднесените барања од страна на граѓаните на Општина Илинден.

Само во првите два месеца од годинава решени се 143 предмети за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти.

Поволностите кои што ги нуди Општина Илинден придонесоа минатата година да се издадат 220 одобренија за градење, кои претставуваат индикатор на економската активност и одржлив локален економски развој во општината. Ваквиот тренд продолжи и на почетокот од годинава, при што во месец јануари и февруари издадени се вкупно 34 одобренија за градба за стопански објекти, инфраструктурни објекти и семејни куќи.

Граѓаните на Општина Илинден масовно ги искористија поволностите што ги понуди Законот за постапување со бесправно изградени објекти, при што за само едно евро за метар квадратен можат да ги легализираат своите дивоградби.
Со легализацијата, дивоизградените објекти ќе можат да бидат предмет на оставинска постапка, ќе можат да се отуѓуваат, да се пренесуваат правата на користење, да бидат предмет на било каков промет-продажба и слично, ќе можат да бидат предмет на залог во банка за некакво побарување, а ќе се овозможи и доградба или, надградба на објектите.