Легализирани околу 142.000 дивоградби

Заклучно со вчерашниот ден во Агенцијата за катастар на недвижности се запишани приближно 142 илјади легализирани дивоизградени објекти. Агенцијата за катастар на недвижности ги повикува сите социјално ранливи категории да поднесат барање до Катастарот за бесплатно изготвување геодетски елаборат. Досега оваа можност ја искористиле 4. 735 граѓани.

Ова денеска го истакна директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески, во рамки на Отворените денови на Катастарот за граѓаните на општина Сопиште.

Агенцијата за катастар на недвижности ги потсетува граѓаните кои не поднеле барање за легализација на дивоизграден објект пред март 2011 година, тоа да го направат најдоцна до 31 март годинава.

– Има граѓани кои ја имаат целокупната градежно-техничка документација за запишување на објект во Катастар, издадена од 1970 до 2005 година, но не ја доставиле до Катастарот со цел запишување на објектот и добивање имотен лист. Апелираме до овие граѓани веднаш да дојдат во Катастарот со цел проверка на документацијата, бидејќи имаме појава објектот да е изграден надвор од предвидената локација и документација и да не може да се запише во Катастарот на недвижности, рече Трпески.

Доколку се утврди дека се работи за ваков случај, како што рече, и овие граѓани треба да поднесат барање за легализација на објектот до 31 март годинава. Олеснителна околност е тоа што нема да платат надомест за легализација бидејќи веќе платиле комуналии при обезбедувањето на документите за градба.

Трпески потсети дека Агенцијата за катастар на недвижности на 29 декември 2015 година го пушти во употреба дистрибутивен систем кој, како што рече, овозможува он-лајн купување на производи од Катастарот на недвижности и е достапен на веб страницата http://ossp.katastar.gov.mk/OSSP.

Преку дистрибутивниот систем правните и физичките лица можат 24 часа во текот на целата година да нарачуваат имотни листови, извод од катастарски планови, топографски карти, геодетски точки, како и да изнајмат сервиси во времетраење од 30 или 365 дена во годината.

– Досега овој дистрибутивен систем го искористиле 353 физички и правни лица. Производите може да се нарачаат во електронска или хартиена форма. Доколку се нарачаат во електронска форма бараниот производ ќе биде достапен на е-маил адресата на корисникот за 1 минута и по цена за 20 отсто пониска од хартиената форма. Така на пример ако порачате имотен лист, ќе го добиете за цена од 150 денари, додека хартиено истиот чини 180 денари, при што ќе треба да се плати и поштарината, потсети Трпески.

Тој појасни дека електронскиот имотен лист се употребува во урбанизмот, при регистрација на фирма кога како основачки влог се внесува имот, а може да се искористи и пред комуналните претпријатија низ Републиката кои имаат воспоставено електронски системи во своето работење.

– По најавата на Платежната агенција дека од оваа година аплицирањето за добивање на субвенции во земјоделството ќе биде овозможено по електронски пат, очекуваме голем број земјоделци место да доаѓаат пред шалтерите на Катастарот, по електронски пат да го обезбедат имотниот лист за цена од 150 денари, нагласи Трпески.

Освен имотен лист, правните и физичките лица електронски барале од Катастарот и извод од катастарски план, координати (x, y), координати на надморска височина, лист за предбележување на градба, Список на индикации за катастарски парцели, како и работни оригинали од катастарски планови.

Трпески очекува во иднина граѓаните и правните лица масовно да почнат да го користат дистрибутивниот систем бидејќи, како што рече, тој е брз, практичен за користење и заштедува средства.